„Традиционалното новинарство преку печатените медиуми е база за развој на професионализмот и поттикнување на аналитичкото размислување кај публиката. Одржувањето на ваквите медиуми, и покрај економските и технолошките предизвици, покажува посветеност и е важен показател за вредноста што јавноста сè уште ја препознава во весниците. Ви го честитам роденденот и ви посакувам уште многу професионалност и истрајност во битката за етичко новинарство“, кажа во интервјуто за весникот ВЕЧЕР Младен Чадиковски, новинар и актуелен претседател на Здружението на новинарите на Македонија, со кого разговаравме и за голем број горливи проблеми со кои се соочуваат денес новинарската фела и новинарството како професија. „’Новинарството е дисциплина без означен крај’, оваа реченица стои некаде во архивите на ВЕЧЕР, во интервју што го дадов пред 20 и повеќе години“, додава Чадиковски

Дневниот весник ВЕЧЕР денеска одбележува 61 година од постоењето. Во денешно време, кога може да се изброи бројот на печатени медиуми на прсти, нашиот весник, и покрај секојдневните сериозни предизвици, успева да опстои на медиумскиот простор во државата. Како гледате Вие на весниците?

Весниците носат специфична тежина и автентичност и се важен дел од медиумскиот простор, особено во градењето на историјата и во зачувувањето на јавната меморија. Традиционалното новинарство преку печатените медиуми е база за развој на професионализмот и поттикнување на аналитичкото размислување кај публиката. Одржувањето на ваквите медиуми, и покрај економските и технолошките предизвици, покажува посветеност и е важен показател за вредноста што јавноста сè уште ја препознава во весниците. Ви го честитам роденденот и ви посакувам уште многу професионалност и истрајност во битката за етичко новинарство.

Како актуелен претседател на ЗНМ, според Вас, каков е статусот на новинарите во Македонија во моментов?

Новинарите во Македонија се соочуваат со сериозни предизвици – од несигурни работни услови и низок социјален статус до закани и притисоци што директно ја загрозуваат слободата на говор. Нашата професија е под континуирани предизвици, се наоѓа во фаза на постојани промени и мора да го сфатиме тоа. Технолошките промени во новата ера бараат брзо да одговориме на нив, а во исто време да ги задржиме професионалноста и етичноста. Тешка е задачата да се заштити кредибилитетот на новинарите. Но, ЗНМ е посветено на подигање на свеста за вредноста на новинарството. Во моментов, работиме на изработката на новиот Кодекс на новинари, на новата Академија за новинари. Како и секогаш, тука сме и за заштита на новинарите од секаков вид закани, како и за обезбедување правна поддршка за новинарите, кои се соочуваат со притисоци и напади.

Кој е најгорливиот проблем што треба да се реши во насока на поголемо вреднување на професијата новинар во општеството, со оглед дека не станува збор за обични правни субјекти, туку за креатори на јавното мислење?

Има повеќе горливи прашања. Основно е новинарите да имаат соодветни услови во редакциите за квалитетна продукција на вести, информации, содржини, емисии. Недостигот на средства не помага за да се подобри ова. Основното прашање е како да се осигури соодветно вреднување на трудот на новинарите, бидејќи тие не се само вработени во медиумите и не се само креатори на јавното мислење туку треба да работат ослободени од стравот за својата безбедност и за својата егзистенција. Потребна е сериозна поддршка во регулирањето на нивните работни услови, безбедност и плата. Покрај ова, потребно е да се поттикнува образованието за медиумската писменост кај публиката, со цел таа да ја препознае важноста на професионалното новинарство и да го поддржува неговото опстојување.

Што се презема во однос на регулирањето на висината на платите кај новинарите и сметате ли дека треба да поведете иницијатива, заедно со Синдикатот на новинарите, законски да се регулира најниската граница на примањата на новинарите?

ЗНМ, заедно со ССНМ, активно се залага за обезбедување пристојни плати за новинарите и стабилни работни услови, како и за спречување на експлоатацијата во медиумите. Во оваа насока, разгледуваме можности за соработка со синдикатите и со други организации за да се иницира законска заштита со која ќе се подигнат примањата на медиумските работници. Ова треба да биде паралелен процес во формирање фонд за медиумски плурализам, кој ќе помогне за кревање на професионализмот во медиумите, заедно со обезбедување услови за достоинствени примања на новинарите и на сите медиумски работници. Тоа е суштински чекор за одржување на квалитетот во медиумите, затоа што само задоволни и безбедни новинари може да ѝ дадат максимално квалитетна информација на јавноста.

Во ова време, кога новинарството го губи кредибилитетот, најмногу поради лажните вести и другите проблеми, како што се недостигот на финансии и заканите, што би им порачале на младите што сакаат да студираат новинарство?

Младите треба да знаат дека новинарството е професија со огромна одговорност и важна општествена улога. Секој новинар мора да се грижи за вистината, објективноста и за етичноста, особено во време кога довербата во медиумите е на ниско ниво поради лажните вести и притисоците врз медиумите. Ги охрабрувам младите да им се посветат на темелното образование, на почитувањето на новинарските стандарди и на критичкото размислување – тоа е најдобрата заштита од лажните вести и најдобар пат за успешно градење кредибилитет во оваа професија. Ние, преку нашите постојани обуки, се обидуваме да овозможиме континуирана едукација и за младите новинари, но и за студентите чија примарна цел е новинарството.

Како гледате на адаптацијата на традиционалното новинарство во дигиталниот свет, особено на тоа што се однесува на проверката на фактите и зачувувањето на кредибилитетот во оваа ера на брзо ширење на информациите?

Новинарството е дисциплина без означен крај. Оваа реченица стои некаде во архивите на ВЕЧЕР, во интервју што го дадов пред 20 и повеќе години. Оттогаш наваму, само се потврдува тоа дека нема лимити за квалитетното новинарство. За жал, нема лимити ниту за дезинформациите и пропагандата. Судирот е постојан. Адаптацијата кон дигиталниот свет е неопходна и неизбежна, но таа мора да биде придружена со високи стандарди на верификација и етика. Брзината во преносот на информации во дигиталната ера не смее да биде на штета на точноста и на кредибилитетот. Затоа ЗНМ е посветено на промовирањето на добрите практики за проверка на фактите и на транспарентноста во новинарството, со цел да се зачува довербата на јавноста во медиумите и да се заштити професионалната етика.

На медиумската сцена во државата, огромен е бројот на новоформирани портали (со еден вработен), кои со копи-пејст новинарство им се нелојална конкуренција на медиумите. Имаше обиди за нивно регулирање, до каде стигнавте?

ЗНМ континуирано укажува на потребата од законска регулатива и стандарди, кои ќе спречат недобронамерна конкуренција преку портали што немаат редакциска структура и не ги почитуваат етичките стандарди. Во соработка со другите организации, се залагаме за една мека регулација, која ќе гарантира транспарентност на сопственоста и на финансиите и ќе ја зголеми одговорноста на порталите кон јавноста. За ова веќе постои предлог законско решение во Министерството за дигитална трансформација, кое е потребно да се приспособи на барањата на европската регулатива. Очекувам многу скоро да се донесе законско решение што нема да влијае на нарушување на принципите на слободата на говор, а ќе овозможи квалитетните онлајн платформи да бидат признати како медиуми.                                                                                                              

Новинарството е нашата партија

 

Како да станат новинарите поотпорни на притисоците во овие тешки времиња?

Притисоци во новинарството секогаш имало и ќе има. Политички, бизнис-притисоци, правни притисоци, онлајн закани, напади, вербални или физички. Но, мора да сфатиме дека ние работиме за граѓаните и во интерес на јавноста, не работиме за бизнис-моќници или за партии. Новинарството е нашата партија. Затоа треба да се потпираме на колективната солидарност и на постојаната поддршка од новинарските организации. Неопходно е да се обезбедат правна заштита и обуки за новинарите, особено во делот на безбедноста и на јавната комуникација, тоа го правиме. Паралелно со тоа, важна е и солидарноста меѓу колегите и одржувањето на високите професионални стандарди – само на тој начин можеме да им одолееме на притисоците и да обезбедиме независност и квалитетно новинарство во интерес на јавноста. Но, пред сè, треба да се сака оваа професија, новинарите и новинарките треба да го живеат новинарството, не само да го работат.

Фото: П. Стојановски