Најтрофејниот кошаркарски тренер во Евролига, Жељко Обрадовиќ, се соочува со сериозен проблем, откако Фенербахче подолг период ќе мора да игра без помошта на еден од клучните кошаркари. Станува збор за Јан Весели, кој мораше да се оперира на коленото, поради што чешкиот центар ќе паузира најмалку 40 дена.
Фенербахче моментно е лидер во Евролигата, но ќе има тешка задача да остане на врвот на табелата во ситуација кога нема да може да смета на својот клучен играч под рекетот за дуелите со Баерн, Панатинаикос, Дарушафака, Ефес и Реал Мадрид. Единствена среќна околност е што Весели би требало да биде 100% подготвен за четвртфиналните пресметки од Евролигата, кога ќе стартуваат и клучни битки за тронот на европската кошарка.
Чешкиот центар сезонава во просек минува по 27 минути по натпревар во Евролигата, постигнувајќи 14,4 поени, 5,6 скокови и 2,6 асистенции по натпревар.