Верстапен ќе ја прекине доминацијата на Хамилтон во Ф1

178

Еден од најдобрите пилоти во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен, тврди дека моторот на јапонскиот производител Хонда покажува охрабрувачки знаци на тестирањата, а полн со оптимизам е и и управителот Кристијан Хорнер. Со овие сигнали тимот на Ред Бул најави дека оваа сезона ќе му биде сериозен конкурент на Марцедес и пред се на нивната прва виолина, Британецот Луис Хамилтон, кога во прашање е титулата во најбрзиот циркус на денешницата.

Во хибридната ера пукна љубовта помеѓу „биковите“ и Рено кој заедно со Себастијан Фетел освоија четири титули во низа, пред да ги закопаат новите В6 мотори. Ред Бул одлучи да ја прекине соработката со францускиот производител на мотори на крајот од минатата година и воедно се договори со погонската единица на Хонда која не се покажа баш најдобро во болидот на Мекларен. Но, австриско – британските момци веруваат дека од овие мотори ќе можат да профитираат со титула.

  • Мислам дека Хонда направи одлична работа оваа зима. Соработуваме со нив веќе 12 месеци, благодарејќи на Торо Росо, и можам да кажам дека имаме одличен напредок со менувачот. Исто така ќе ни помогнат и околу стабилноста на техничките правила. За прв пат имаме одличен мотор кој ни дава надеш за добри резултати, истакна опримистички Хорнер.

Верстапен кој ќе биде главен адут на „биковите“ годинава исто така е оптимист пред почетокот на сезоната.

  • Го возев болидот  и можам да кажам дека е добар. Тоа ќе биде возбудлива сезона, но ќе биде јасно дури кога ќе излеземе на патеката, истакна 21 – годишниот Холанѓанец.

Макс минатата сезона славеше на две трки во шампионатот, а доколку се остварат прогнозите и годинава стане шампион за прв пат во кариерата, ќе биде најмладиот шампион во историјата на Формула 1.

Секако, долг е патот до тој подвиг, а многу појасна ќе биде сликата кога болодите ќе излезат на официјалните тестирања кои се закажани за 18 февруари во Барселона.

Новата сезона во Формула 1 ќе стартува на 17 март со трката за Големата награда на Австралија, на патеката во Мелбурн.