Како велат: „После бура, доаѓа сонце“. Токму тоа деновиве се случуваше во редовите на шампионскиот тим во Формула 1, екипата на Ред Бул.
Имено, двократниот светски шампион во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен, овој пат изјави дека е подготвен да му помогне на тимскиот колега Серхио Перез да го освои второто место во генералниот пласман на возачи, иако минатиот викенд на трката за Големата награда на Бразил не му даде на Мексиканецот да го мине и да дојде до некој бод повеќе.
- Не се работеше за позицијата и не е важно дали беше прво, второ, петто, седмо или десетто место. Стануваше збор за нешто што се случи претходно во сезоната и јас веќе објаснив на претходната трка во Мексико и тимот разбра и се согласи, изјави Верстапен на прес-конференцијата во Абу Даби во пресрет на последната трка сезонава.
Од тимот на Ред Бул минатиот викенд побараа од Верстапен да го пропушти Перез на шестото место, за Мексиканецот да има два бода пред возачот на Ферари, Шарл Леклер. Но не дојде до тоа, па сега и двајцата возачи влегуваат егал на последната трка (по 29 бода).
- Не ми беше кажано ништо однапред за потенцијалната размена на позиции во Бразил. Мислам дека веќе требаше да го знаат мојот одговор од кажаното една недела претходно, истакна Верстапен.
Од Ред Бул истакнаа дека разговарале со Верстапен и Перез пред почетокот на последната трка.
- Никогаш не сме завршиле како тим на прво и второ место во генералниот пласман на возачи. Ако има можност да му помогнам на тимот, ќе го направам тоа, изјави холандскиот возач.
Верстапен е на првото место во генералниот пласман на возачи со 429 бодови, додека Леклер и Перез го делат второто место со по 290 бода. Ред Бул го обезбеди првото место во конкуренција на конструктори.
Трката за Големата награда на Абу Даби ќе се вози в недела од 14 часот.