Велјановски: Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошна бетонизација на Карпош

153

Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош велат дека  не се пријатели на градежната мафија и никогаш нема да бидат сојузник на бизнисмени кои сакаат да профитираат на грбот на народот и на животната средина.

Тие додаваат дека денешната прес-конференција на градоначалникот Стевчо Јакимовски е реакција  на црвстите заложби на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по ниедна цена да не се дозволи понатамошна бетонизација на Карпош на штета на  зелениот простор во општината.

-Несогласувањата на оваа тема се од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник на Општина Карпош. Господинот  Стевчо Јакимовски наместо да се сврти кон граѓаните, нивните потреби и барања за почист Карпош, со повеќе зелени површини и содржини за рекреација, тој одбра да продолжи по стапките на Стефан Богоев – вели Роберт Велјановски советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Карпош.

Тој додаде дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ не одобриле неколку обиди на Јакимовски за вцртување на згради на различни локации низ Карпош, кои освен за интересот на бизнисот не му служат никому.

-Јакимовски и покрај нашите бројни апели за прекин на бетонизацијата родолжува со намерите да штанца градежни дозволи. Јакимовски и денес сакаше да помине нов ДУП со 7 нови згради во Злокуќани, како и претходните негови обиди за усвојување на ДУП-ови со нови згради, така и за овој Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не даде поддршка на планот и на денешната седница истиот не беше усвоен – нагласи Велјановски.

Тој додаде дека принципиелните заложби на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите и ветувањата пред граѓаните се нивна единствена водилка и приоритети кон кои ние се стремиме.

-Жал ни е што во овие наши заложби градоначалникот не се препозна, ниту пак ни се придружи. Разликата е јасна. Од една страна ние со заложбата за хумана урбанизација и зелен Карпош, од друга страна Јакимовски со неговите заложби за продолжување на бетонизација – заклуќи Велјановски.