Нова медицинска опрема за Општата болница во Велес обезбеди Министерството за здравство. Станува збор за нов апарат за анестезија во вредност од 4 милиони денари. По тој повод, вчера, во посета на болницата беше и министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, кој кажа дека овој апарат, што веќе е поставен во операционата сала, е потребен за подобро функционирање на одделот за анестезија
-Исто така, набавивме и нов респиратор со средства од Министерството во износ од три ипол милиони денари. Како никогаш досега вложуваме во набавка на нова медицинска опрема. Двојно го зголемивме буџетот за оваа намена од 2,6 на 5 милиони евра и во повеќе од 15 здравствени установи обезбедивме нова и современа опрема – кажа министерот Меџити.
Според него за една година направено е сериозно зајакнување на јавното здравство со нова апаратура, реконструкции и лекови.
-И во следниот период продолжуваме да правиме позитивни промени во еден од најважните столбови, а тоа е здравствениот сектор, изјави Меџити и дополни дека ќе се работи и на тоа да се обезбеди и потребниот стручен кадар.