Вевчани пулсира во духот на традицијата. Се е подготвено за дефилето под маски на годинашното издание на Вевчанскиот карневал. Василичарите почнаа да излегуваат по улиците, движејќи се кон излезот на селото, од каде треба да почне дефилето. Вевчанци, но и гостите со нетрпение очекуваат да видат што ќе го отслика годинашното карневалско издание.
Меѓу повеќето странски медиуми во Вевчани е и Герен Смит, фотограф од Амстердам, кој за карневалот дознал преку фотографии. Воодушевен е од гостопримството и, како што забележа, топлата атмосфера и возбудата што се чувствува.
– Сите се толку гостопримливи, се чувствува топлата атмосфера и возбудливоста. Немам идеја што да очекувам. Минатата година бев на карневал во јужна Америка, каде ми кажаа дека има карневал и овде. Видов фотографии и бев пријатно изненаден колку е единствено и уникатно оваа карневалско случување и со толку долга традиција. И во пандемијата ја продолжи традицијата со континуитетот на одржување. Токму затоа и дојдов, рече Смит.
На Карнвалот присуствува и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој како што рече, во Вевчани е да ја продолжи традицијата со Вевчанскиот карневал. Тој забележа дека годинашното карневалско издание се одржува без поддршка од Министерството за култура.
– Денеска сме во Вевчани да ја продолжиме традицијата со Вевчанскиот карневал. Ова е прва година кога Министерството за култура за жал обезбеди дури нула денари за одржување на оваа традиционална манифестација. Градоначалникот и Општината покажуваат вонсериски напори да се справат со предизвиците, кои не само што ги носат економската и енергетската криза, туку и власта во Македонија, односно Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, изјави Мицкоски пред почетокот на дефилето.
Според градоначалникот Спасе Кочовски Вевчанскиот карневал ја задржал традицијата уште од почетоците.
– Карневалот е медиум кој ќе ја искритикува власта. Тоа што се случувало негативно во целата година, од тоа што не е задоволен народот, ќе го видите низ маски. Се тоа како не треба да биде поставена една власт кон своите граѓани ќе го видите прикажано низ вевчанските маски. Имам кажано дека ако видите грубост, пораката е да не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е да не бидете вулгарни, едноставно како на филмска лента ви поминува она што за граѓаните е негативно практикувана власт. Секој што ќе го гледа карневалот може да си рече зарем навистина ваква сме биле и за наредната година да може да се коригира, истакна Кочовски.
Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството. Се верува дека преку маските василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар. И како што е добро познато, вевчанци, кои важат за љубезен и гостопримлив народ, верни на традицијата, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.
По василичарското оро, зетот и невестата од двете маала ќе ги посетат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година.
Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.
Следниот ден, на 14 јануари, на верскиот празник Свети Василиј одат на имендени или по вевчански визити во семејствата каде го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повтори.
Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст Тајм и Перо Бели.
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството.