Поранешниот директор на ЕСМ и член на партијата СДСМ, Васко Ковачевски не е дел од организираната група во која осомничените местеле тендери на свои блиски фирми и го оштетиле буџетот за 6,5 милиони евра, брифираше шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази. Рече дека Ковачевски кој сеуште им е недостапен на истражните органи се терети за несовесно работење во службата, дело за кое по интервенцијата во Кривичниот законик казната се намали и сега е од од шест месеци до пет години затвор. Според обвинителот Абази, Ковачевски не е дел од групата бидејќи немало обезбедено доволно докази за другите кривичи дела, туку само за тоа за несовесност. Истрагата го опфатила поранешниот директор на ЕСМ последен, пред само неколку дена. Премиерот веднаш по информацијата за полициската акција во која се уапсени повеќемина за криминали во РЕК Битола и РЕК Осломеј, изјави дека ќе го вратат Ковачевски да се соочи со правдата, обвинителството пак вели дека не знае од каде му се таквите информации на премиерот и оти В. К во листата на осомничени последен се допишал. Обвинителот Абази брифира дека како дел од истражната постапка побарани од кривичниот суд се девет затворски притвори и 13 мерки за обезбедување, во 77 претреси напарвени во Битола, Скопје, Кичево, Велес, Неготино одземени и дадени се на вештачење 30 мобилни телефони, 208 илјади евра во кеш, компијутерски докази и нов автомобил од марката БМВ. Обвинителството објави дека на 5-на од осомничените им бил замрзнат имотот за кој се сомневаат дека бил стекнат по криминален пат односно од местењето на тендерите за набавка на адитиви. Абази во интерес на истрагата не сакаше да открие за колав имот и пари станува збор. Во меѓувреме во кривичниот суд пред судија на претходна постапка е донесен екс директорот на ЕСМ Васко Стефанов кој е дел од организираната група за криминал во електраните.
Министерот за полиција Тошковски рече дека акцијата со кодно име Адитив е најголема што е спроведена во земјава, од аспект на штета на буџетот која е сторена за време на енергетска криза. Има основани сомненија, како што рече министерот, за фингирани понуди при отпочнување на процесот на јавната набавка.
„Ова се луѓе на кои им биле доверени високи државни функции од една страна, а од друга страна се луѓе што преку ноќ формирале фирми без вработени. Претходно се занимавале со продажба на канцелариски материјали, а наеднаш стануваат фирми што тргуваат со ваков тип адитиви и заработуваат милионски суми пари. Има и голем број докази дека она што е плаќано е најмалку трипати повеќе од реалната цена.Она што е набавено во ТЕЦ ‘Осломеј‘ ниту еден отсто не е потрошено, односно нула отсто од адитивите се ставени во функција. А во другото правно лице, како во РЕК ‘Битола’, 95 отсто од адитивите не се ставени во употреба“,изјави Тошковски
Од Обвинителството соопштија дека во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од 23 цата осомничени во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела, злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари. (П.А)