Најтрофејниот македонски рекометен клуб Вардар 1961, го претрпеа вториот пораз во Европската лига на ЕХФ, а прв дома од екипата на Порто со 22:26. Средбата во СЦ „Јане Сандански“ понуди многу борба и дуели, но за жал македонскиот вицепрвак на крајот мораше да го прифати поразот.

Честитки на противникот за победата. Одигравме добар натпревар. Првото полувреме беше во наша корист и среќен сум како одигравме во одбраната во првиот дел. Второто полувреме лошо го отворивме, и иако се подготвувавме на нивниот напад 7 на 6 не беше доволно. Порто е екипа која со тренерот Андерсон преферира да игра 7 на 6 и една од подобрите екипи која го игра тоа. Имавме наша шанса да се вратиме во мечот, но на дело стапија нивните голмани со неколку интервенции, изјави Недановски.

По мечот со портгалскиот тим своето мислење го истакана и искусниот Гоце Георгиевски:

-Првото полувреме одигравме добро, посебно во одбраната. Порто одигра „7 на 6“ во вториот дел, а ние немавме противигра за тоа. Направивме многу грешки во нападот и промашивме многу зицери. За седум дена не чека меч во Порто, па ќе гледаме да се подготвиме на најдобар можен начин, изјави Георгиевски.

Со по шест гола најефикасни беа Диого Мартинс и Мамаду Сумаре, додека кај Вардар се истакна Хансер Родригез со четири. Вистинска разлика се виде меѓу стативите, бидејќи Маркес од Порто фати 13 топки, а Мигел Еспиња само пет.

Вардар има два бода во Европската лига од победата над Валур, а загуби од Мелсунген и Порто. Сега патот до нокаут рундата е потежок и ќе треба да се бркаат победи на гостински терен.