Ракометарите на Вардар забележаа уште една победа во плеј-офот во Суперлигата. По големото дерби со Еурофарм Пелистер во неделата, кое што заврши со убедлива победа на шампионот, денес „црвено-црните“ впишаа уште еден лесен триумф и со 35:25 го совладаа составот на Тиквеш. За Вардар ова беше шеста победа во разигрувањето за титулата, додека Тиквеш по шест кола има три победи, едно реми и два порази.

Најдобри поединци во редовите на бранителот на титулата беа Чувара, Манасков и Георгиевски со по шест гола. За Тиквеш се истакна Хазиќ и Петровиќ со по пет гола.

Ракометарите на Алкалоид се радуваа на победа на гостувањето кај Еурофарм Пелистер 2 од 30:35.

Најефикасниот ракометар на средбата доаѓа од домашниот табор, бидејќи Павле Петровиќ стрелаше осум пати. Во гостинскиот тим се истакнаа Мартин Серафимов и Божидар Илиевски со по седум гола, колку што дадо и Ристевски и Ивановски кај битолчани.