Ракометарките на Ѓер ја продолжија доминацијата во Лигата на шампиони, откако успеаја да ја одбранат титулата совладувајќи го во финалето тимот на Ростов со 25:24. Унгарките се мачеа на почетокот од натпреварот, но пред паузата успеаја да направат значајна предност од четири гола (15:11) со која практично и дојдоа до титулата.

Инаку, во шампионскиот тим на Ѓер беше и поранешната „вардарка“, Амандин Лејно. Француската репрезентативна голманка настапуваше на сите Ф4 турнири досега откако е воведен завршниот турнир во женската Лига на шампиони. По три неуспешни обиди да се пласира во финалето и по два неуспешни обиди да се совлада Ѓер во финалниот натпревар, Лејно конечно ја освои првата титула во најквалитетното натпреварување во Европа. Со Вардар има пет настапи на Ф4, а на два пати се испречи токму тимот со кој се радуваше овој пат. Идентично беше и со Ања Алтхаус, која по заминувањето од Вардар освои европска титула со Ѓер минатата сезона.

Најефикасна во победничкиот тим беше Аморим Талеска со седум погодоци, додека Анита Горбич постигна шест гола. На спротивната страна Абинг забележа седум погодоци.