Изминатиот период во неколку наврати сведоци сме на пожар на дивата депонија „Вардарише“, кој покрај тоа што сериозно го загадува воздухот, претставува и сериозна опасност по безбедноста на жителите од овој дел на општина Гази Баба, но за жителите преку реката Вардар – населбите Лисиче, Ново Лисиче и Аеродром.
Жители на населбата Кирил Петрушевски, чии куќи се во непосредна близина на „Вардариште“ посочуваат дека пожарите ги предизвикуваат лица од ромска националност кои прават депонии од пластика и отпадни кабли, кои потоа ги горат за да го извадат бакарот кој потоа го продаваат по отпади.
– Ве замолувам како градоначалник на Гази Баба во најбрзо време во содејство со владата го решите проблемот со диво вселените Роми спроти „Бриколаж“ и „Тинекс“, и самите знаете дека нема ден, а да не палат пластика и гуми и да не може цел ден да се дише! Минатиот пат кога бевте во тие објекти ветивте дека штом се смени владата ќе биде решен проблемот, еве сега сменета е државната власт и ве замолувам да го решите овој горлив проблем – апелира жител од населбата.
Некои, пак, прашуваат дали надлежните се запознаени каде завршува отпадот секој вторник, петок и недела од канта пазарот покрај Кванташки.
– Кога би се спречило само тој отпад да не стигне на „Вардариште“, сте почнале со решавање на проблемот – вели Раде Д.
Бобан М. пак, му предлага на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски да иницира организирање на мешана патрола од МВР и инспектори од Град Скопје или од Гази Баба, на рампата кај Маџари да ги стопира сомнителните возила.
– „Вардариште“ е Чернобил меѓу две општини. Мора да се види што сè се фрла на „ардариште“. Доволно е ЈКП „Гази Баба“ да го чистат и средуваат просторот од влезот на Кванташки до реката Вардар. Ќе имаат работа 2-3 години и ќе бидат најрентабилна фирма во општина Гази Баба – потенцира Бобан М.
Реакциите на граѓаните за градоначалникот Стефковски се оправдани. Тој вели дека е во постојана комуникација со институциите надлежни за постапување при вакви состојби, но и со голем број на жители од населеното место Кирил Петрушевски.
– Тимови составени од униформирана полиција, инспектори од ЕВР при СВР Скопје и инспектори од инспекторатот на општина Гази Баба во периодот од 18 до 21:30 часот извршуваа вонредни патроли во и околу дивата депонија „Вардариште“. Животот и здравјето на граѓаните немаат цена и ќе направиме се што можеме истите максимално да ги заштитиме. Толеранција нема да има за никој! За секој оној за кого ќе се обезбедат докази ќе биде поведена соодветна постапка – напиша Стефковски на Фејсбук и најави дека патролите продолжуваат и во следните денови!
Ги прочитал, како што вели сите, коментари и објави, но бара разбирање од граѓаните за „ограничените надлежности за постапување кои ги има како градоначалник, а и општина Гази Баба како локална самоуправа“.
– Општо познато е дека дивата депонија Вардариште е во целосна надлежност на Градот Скопје за што апелирам и барам од градоначалничката Данела Арсовска да издаде задолженија за реализација на своите надлежности. Согласно моите надлежности ги задолжив Секторот за инспекциски работи да продолжи да работи во две смени со зголемување на работното време во втората смена до 22:00 часот; Секторот за инспекциски работи задолжително во текот на работното време и во втората смена да врши постојан надзор на дивата депонија „Вардариште“; Секторот за инспекциски работи и Секторот за правни работи во текот на денешниот ден да изготват и до Основното јавно обвинителство Скопје да поднесат Иницијатива за покренување на кривична постапка против непознат сторител за загадување на амбиенталниот воздух, а очекувам Обвинителството преку преземање на истражни дејствија да дојде до сторителите и истите да бидат најстрого санкционирани. Испратено е барање за постапување до инспекторатот при Градот Скопје во кое ќе побараме постојано дежурство на депонијата Вардариште и од нивна страна – вели Стефковски.
Дејан Димитровски, еко активист од Зелените од Гази Баба вели дека граѓаните, за жал, не се недоволно информирании што претставува оваа депонија за нивното здравје, властите сè уште ја користат за лични интереси, а со „амин” на Градот многу години истата се користи од многу компании.
– По неколку години борби на активистите за решавање на депонијата „Вардариште“ и немање слух од ниту една влада и институција, во 2019 година по барање на повеќе здруженија и активисти се одржа состанок со градоначалникот на општина Гази Баба. На тој состанок беше договорено да се мрдне од мртва точка т. е да се донесе ДУП за депонијата како прв дел до конечната реализација. Додека се чекаше на донесување на ДУП, на двапати граѓаните од населба Кирил Петрушевски организираа протести за проблемите кои ги имаат со депонијата и жителите кои живеат таму и секојдневно ги загадуваат. Потоа следуваше формирање на иницијативен одбор „Вардариште“. По барањето на средба со градскиот градоначалник Шилегов ги доставивме следните барања – мониторинг на цела депонија, затварање на сите влезови во депонијата со земја и рампи, донесување на буџет за нова студија за „Вардариште“ и целосна ремедијација на депонијата. На состанокот ни беше одговорено дека за видео мониторинг не одговараат законските регулативи а за физички дека невозможно е тоа да се издејствува. За затварање на влезовите дека градот ќе се потруди тоа да го реши. Околу буџетот за нова студија за наредната буџетска година, за пари за ремедијација ќе треба заедно со министерството за животна средина и фондови бидејќи тоа чини многу пари околу 40 милиони евра – вели Димитровски.
На вториот состанок договорени беа техничките детали околу термините за затворање на влезовите на депонијата. Потоа од сите овие барања делумно се затворија само страничните влезови.
– За наредната година исто така баравме помош и поддршка за буџет за нова студија и од советници кои пропагираа зелена идеологија но тоа не се случи. Општина Гази Баба половично си го исполни ветувањето бидејќи се донесе само еден план од целосни три плана за „Вардариште“. Потоа поставувавме и прашања од јавен карактер до Град Скопје од кои навремено не добивавме одговори. Во меѓувреме ние како активисти редовно вршевме посети со некои граѓани од населбата Кирил Петрушевски на депонијата. Единствено на нашите повици за недозволени дејствија одговараше само градскиот инспекторат. Јас лично бев таму физички нападнат, а потоа имаше напади и на инспектори од градскиот инспекторат – вели Димитровски.
Тој нагласува дека во разговори со многу стручни лица од областа на животната средина е дека ако се земат сите штетни влијанија од таа депонија врз здравјето на граѓаните, доаѓаме до констатација дека со досегашното нерешавање на истата поради цената на чинење, државата ја чини многу загубени животи како и отсуства од работа поради болести од загадени почви, води и воздух.
(С.Бл.)