„Коџоман како автор се одликува со посебен ликовен сензибилитет, чиј интерес опфаќал широк распон на ликовни теми од актови и портрети, преку мртви природи и пејзажи, па сè до дела со мотиви од староградската архитектура, но и дела со социјална тематика и историска содржина, работени во техника масло, акварел и пастел. Мајсторскиот пристап во третманот на бојата и светлината натопени во колоритот на македонското поднебје, неговата живописна палета испреплетена со богатството на карактеристичниот македонски фолклор и специфичната организација на просторот се главните одлики на неговото сликарство“, посочува кураторката на изложбата Алексaндра Зиновски Вилиќ
-Вангел Коџоман е автор кој ѝ припаѓа на една генерација која имала тешка задача да ѝ го отвори патот на уметноста пред пошироката јавност во услови на војни, сиромаштија и несигурност. Како уметник со карактеристичен ликовен јазик, Коџоман на македонската уметничка сцена се појави токму во периодот на создавањето на новиот модернистички израз во македонската ликовна уметност, во периодот меѓу двете светски војни од минатиот век. Тој ѝ припаѓа на првата, таканаречена основоположничка генерација на образовани македонски ликовни уметници, генерацијата на Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов Аврамовски, Димо Тодоровски и Томо Владимирски, рече директорката на Националната галерија Маја Неделкоска Брзанова на вчерашното отворање на јубилејната изложба посветена на 120 години од раѓањето на доајенот на современото македонско сликарство Вангел Коџоман (1904, Струга – 1994, Скопје).
Изложбата со дела од овој исклучителен македонски сликар, кои по подолг временски период се прикажуваат, ја потсетија публиката дојдена во голем број во Даутпашиниот амам, на неговиот живот и творештвото, неговите портрети и пејзажи, како и боите и светлината на неговиот роден крај.
Кураторката на изложбата Алексaндра Зиновски Вилиќ, пак, за делата на Коџоман ќе каже: „Коџоман како автор се одликува со посебен ликовен сензибилитет, чиј интерес опфаќал широк распон на ликовни теми од актови и портрети, преку мртви природи и пејзажи, па сè до дела со мотиви од староградската архитектура, но и дела со социјална тематика и историска содржина, работени во техника масло, акварел и пастел. Иако во неговото сликарство не може да се дефинираат одредени фази на творештво, сепак суштински ни дозволува истото да го поделиме на два периоди: првиот предвоениот сè до 1950, кога во неговите дела се забележува академски реализам, како и постимпресионистичко влијание од белградската ликовна школа и вториот кој го карактеризира веќе формиран личен колористички експресионизам со елементи од фовистичкото сликарство.“
Зиновски Вилиќ ќе истакне и дека Коџоман, со оглед на неговото богато творештво, бил несомнено посветен автор, кој остави своја трајна и автентична трага во историјата на македонскиот модернизам, а што се должи, пред сè, на неговата мисла дека уметноста треба да биде меѓу луѓето, дека таа му припаѓа секому и дека не треба да биде ничија привилегија.
-Оттука и ја црпел својата истрајност, дисциплинираност и посветеност кон работата. Мајсторскиот пристап во третманот на бојата и светлината натопени во колоритот на македонското поднебје, неговата живописна палета испреплетена со богатството на карактеристичниот македонски фолклор и специфичната организација на просторот се главните одлики на неговото сликарство, додава Зиновски Вилиќ.
Тој до крајот на својот живот (1994) вредно, одговорно и со огромна љубов ќе биде посветен на својот занает: уметноста и сликарството. Улогата на Вангел Коџоман како еден од основоположниците на македонската модерна уметност ќе остане забележана и високовреднувана во историјата на македонската уметност.
Во аналите на македонската модерна уметност ќе остане забележан како особено плоден автор, препознатлив и запаметен како уметник на македонското поднебје, на неговите културни, историски и географски предели, на традицијата, фолклорот и спецификите на македонскиот народ. Воедно и како професор во Училиштето за применета уметност и Вишата педагошка школа каде одиграл важна педагошка улога во формирањето на новата генерација ликовни уметници.
„Во делата прикажани низ визурата на Вангел Коџоман се открива неговата родна Струга каква што постои само во сеќавањата, еден град кој полека исчезнува отстапувајќи му место на новото време, новите градби и навики. Едно време кое засекогаш исчезнало и кое постои зачувано во старите пожолтени фотографии во семејните албуми на стружани, едно време зачувано во топлите слики на уметникот кој ни ја раскажува приказната за градот и за животот во него, за атмосферата која може да се насети гледајќи ги овие слики, со сите нејзини белези како одраз на едно време кое неповратно изминало“ ќе заврши Неделкоска Брзанова цитирајќи ги зборовите на писателот Димитрие Дурацовски напишани во текстот „Вангел Коџоман една интимна струшка приказна“, а како резиме за грандиозното дело кое ни го остави во наследство. (Н.И.Т.) Фото: П. Стојановски