Повисоки пензии за 2.500 денари, поголеми плати во здравството и за образованието, како и повеќе пари за редовно усогласување на платите во администрацијата. Владата го усвои предлог-буџетот за 2025 година, кој носи стабилизација на јавните финансии и економски раст. Расходите ќе бидат за 10 отсто поголеми од годинава или 6,5 милијарди евра. Приходите, пак, ќе бидат зголемени за 13 отсто и ќе достигнат 5,82 милијарди евра. Фокусот на Владата ќе биде во вложувањето во капитални инвестиции, кои се на рекордно високо ниво од 823 милиони евра. Од нив, 250 милиони евра ќе завршат кај општините, за инфраструктурни проекти. Дел од економските експерти сметаат дека овие проекции се очекувани и се реално остварливи, но други не се оптимисти во однос на планираните економски раст и инфлација.
Министерската за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека проектираните капитални инвестиции се реални и нема причина за сомнеж дека ќе бидат реализирани. Според министерката, од ставката за капитални инвестиции, вредна 50,65 милијарди денари, не може да се крати, зашто најмногу средства се предвидени од кредити.
Таа потврди дека во март ќе има зголемување на пензиите за 2.500 денари, а за раст на платите, објасни, покрај предвидените 5,5 милијарди денари, ќе има и дополнителни средства во случај да се постигне договор на Економско-социјалниот совет за зголемување на минималецот. Министерката рече и дека кон ПИОМ, за раст на платите, ќе отидат околу 24 милијарди денари, додека за пензиите не можеше да каже конкретни бројки.
– Не може да се крати од ставката за капитални инвестиции, зашто најмногу средства имаме предвидено од кредити. Никогаш со кредити не биле финансирани толку проекти како сега. Во САД, минатата недела имав разговори со Светската банка и бевме опоменати дека изминатите неколку години воопшто не се внимавало на реализацијата на проектите што ги финансираат тие. Денеска, на Влада, многу разговаравме за реализацијата на тие проекти. Нема причина да се сомневаме дека нема да има реализација. Суштината е како ќе се организираат министрите. Овие министри се подготвени, работат напорно за да може да се одглават проектите што беа заглавени. Ако ги одглавиме проектите, ќе има реализација. Ако зборуваме за парите во капитални инвестиции, зборуваме за реални инвестиции, а не за трансфери како во изминатиот период, кои завршуваа за исплата на плати или за купување суровини – нагласи Димитриеска-Кочоска.
Дел од економските експерти сметаат дека овие проекции се очекувани и се реално остварливи, но други не се оптимисти во однос на планираните економски раст и инфлација.
– Предвидувањата за поголеми приходи и повисок економски раст се очекувани поради најавите за инвестиции. Преку инвестиции, ќе се поттикне економскиот раст, а тоа ќе се постигне преку намалување на непродуктивните трошоци и вложување во инфраструктурните проекти. Очекувањата за економски раст зависат од повеќе фактори, но ако е фокусот на инвестициите, може да се очекуваат и повисоки стапки на раст. Секако, врз остварувањето на стапките на економски раст негативно може да влијаат некои надворешни фактори, како војните и кризата во Германија. Но, според сегашните околности, реално е да се очекува поголема динамика на раст на бруто домашниот производ – изјави за весникот ВЕЧЕР Јован Пејковски, универзитетски професор.
Според него, со оглед на тоа што ќе има намалување на непродуктивните трошоци и раст на пензиите и на платите само за толку колку што е договорено во колективните договори, реално е да се очекува дека предвидените мерки и политики ќе го поттикнат економскиот раст.
Аналитичарот Синиша Пекевски не е оптимист дека ќе се остварат прогнозите на Владата за економски раст и за зголемени приходи.
– Реално, не знам како планираат да го постигнат економскиот раст од 3,7 отсто кога е изборна година, а инфлацијата да ја држат на 2,2 отсто, што е невозможно, да се споредат цените на продуктите на почетокот и на крајот од годината – ќе се види колкава е разликата. Истовремено, треба да се види буџетот, дали ќе биде развоен или само крпење на дупки. Претходно веќе имавме еден рекорден буџет на една министерка, која инвестираше во човечки кадар, па дојдовме во ситуација во Македонија реално и да нема квалитетен човечки кадар и младите да се иселуваат уште повеќе. Ако нема поддршка и инвестиции во економијата и поттикнување на иновативните компании, само дополнително ќе тонеме – изјави Синиша Пекевски за ВЕЧЕР.
И Иван Пешевски од Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека може да се зголеми бруто домашниот производ само преку инвестиции, ако нема инвестиции, особено во градежништвото, тешко дека ќе може да очекуваме економски раст и раст на платите. Според него, добро е што се продолжи проектот „Бехтел и Енка“, и покрај тоа што ќе одат парите кај странски, а не кај домашни компании, сепак, добро е нешто што е започнато да се заврши.
Економскиот раст е проектиран на ниво од 3,7 отсто, буџетскиот дефицит на 4 отсто од БДП, а инфлацијата на 2,2 отсто. Јавниот долг, согласно со стратегијата, треба да се сведе на ниво од 64 отсто од БДП, а умереното ниво од 60 отсто – до 2029 година.
Од друга страна, Светската банка, во својата последна проекција, посочи дека очекува македонскиот економски раст годинава да достигне ниво од 1,8 проценти, додека 2, 3 отсто да достигне до крајот на следната година.
Со сличен став е и Виенскиот институт за меѓународни економски студии, кој опфаќа 23 земји од регионот – македонскиот економски раст и во наредниот период ќе каска зад балканскиот. Нивната прогноза се поклопува со онаа на Светската банка за раст од 1,8 до крајот на годинава и 2,3 отсто до крајот на следната.
Дел од економските аналитичари рекоа дека Владата не успеала во овие први четири месеци да презентира уверлива визија за економскиот развој на земјата. Ако сака да ги подобри економските изгледи на земјата, мора итно да почне со структурни реформи, а не да се занимава само со кадровските промени, со унгарскиот кредит и со покачувањето на пензиите. Потребно е да се види што произведуваме, што извезуваме и тоа да биде поддржано со мерки од Владата. Со други зборови, повеќе да се фокусираме на инвестициите и на извозот отколку на дневнополитички теми.
(А.С.)