Специјалниот претставник на Владата за преговорите со Бугарија, Владо Бучковски, од средбите во Софија се враќа со проширен и надграден Акциски план. Детали за содржината не се објавуваат. Единствено македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи во телевизиско интервју истакна дека во планот има делови кои се надоврзуваат на македонскиот акциски план, но дека има и делови со кои првпат се соочуваме и дека во наредниот период ќе бидат добро анализирани. Ставот на македонските власти е дека ќе ги разгледаат бугарските коментари на нашиот Акциски план и ќе изградат јасна позиција. Од бугарското МНР соопштија дека се очекува планот да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија.
-Во периодот што следува нашата работна група ќе ги разгледа коментарите кои пристигнаа од Бугарија на нашиот предлог Акциски план и ќе биде изградена јасна позиција. Мојата улога како специјален претставник на Северна Македонија произлегува од напорите на македонската Влада да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија и со тоа да се отстранат пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ, изјави за МИА специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски, кој во понеделникот имаше средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, која му даде Акциски план.
Специјалниот претставник и Захариева размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји. Бучковски вели дека секоја негова службена комуникација на релација Скопје – Софија е во функција на предложениот Акциски план од наша страна кој содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8, соработката во образованието, во енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество.
-Сето тоа треба да создаде доверба меѓу владите и државите, помеѓу народите меѓу двете држави. Без разлика на интензитетот на мои патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата не упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение, а ваквите работни средби се токму чекор напред кон решение, вели Бучковски.
Бугарија спремна за потпис
Бугарското МНР вчера соопшти дека Бугарија предложи акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и оти документот се однесува на сите ресорни министерства, а се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, согласно член 12 од Договорот.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, појасни дека тоа што го добивме како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот Акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план. Наредниве денови, рече тој, треба да го разгледаат внимателно, да видат што од тоа може да се реализира, што може да биде спорно, и потоа ќе имаат појасна позиција. Но, се работи за одговор на нашиот Акциски план, потенцираше Османи, кој демантира дека постои анекс од 12 точки за кој јавно зборуваше бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов. Османи тврди дека Бугарија е на јасна позиција дека не ги спори идентитетските прашања.
Од македонското МНР, во соопштението пред средбата потсетија дека при крај на минатата година бил доставен Акциски план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, за што во разговор меѓу министрите Османи и Захариева било договорено да бидат разменети забелешки, мислења и соодветни предлози.
-Во оваа насока, во претстојниот период, ќе имаме конструктивен придонес преку нашиот специјален претставник, а истото го очекуваме и од бугарска страна, како единствен можен начин до изнаоѓање решение, соопштија од Министерството за надворешни работи, од каде што потенцираат дека Македонија останува на позицијата дека треба да се искористат сите можности за изнаоѓање соодветно, заемно решение за билатералните разлики по различни прашања со Бугарија, како и за враќање на довербата во ефикасноста и успешноста на Договорот за пријателство од 2017 година.
Македонскиот идентитет на стаклени нозе
Непосредно пред средбата со Бучковски, Каракачанов порача дека позицијата на Софија нема да биде променета и по средбите со специјалниот претставник на Владата за Бугарија. Напротив, рече Каракачанов, Бугарија треба да ја зајакне својата позиција, со што јасно порача дека нема омекнување на ставовите во Софија. Каракачанов предупреди и дека заедничката историја е бугарска и порача дека македонските власти три и пол години не направиле ништо и сега се надеваат на тоа дека бугарската страна ќе се согласни на компромис, но тоа нема да се случи. Тој рече дека Бучковски има добра волја, но оние што го испраќаат немаат. Бугарскиот вицепремиер повторно зборуваше за учебниците по историја во македонското образование и е категоричен дека не може во нив Бугарите да се нарекуваат Татари и фашисти.
-Имаш право да го заштитуваш својот идентитет таков како што е од периодот кога настанал, а не да крадеш туѓа историја и да создаваш туѓ идентитет. Тие имаат – тоа е идентитетот создаден од Јосип Броз Тито и Коминтерната. Никој не посега по него. Но, Цар Самуил е бугарски, тој не се борел против Бугарија како што пишува во македонските учебници. Ние Бугарите не сме фашисти, окупатори и татарско племе. И покрај 70 години на промени во јазикот, ние сè уште зборуваме без преведувач, зборуваме на ист јазик, рече Каракачанов.
Независно дали станува збор за анекс на Договорот за добрососедство или Акциски план, од искажаните ставови на бугарскиот вицепремиер е јасно дека источниот сосед со своите барања длабоко ги загрозува македонските идентитетски прашања.
Од македонска страна властите тврдат дека за идентитетските прашања не се преговара, односно нема компромис, иако министерот за надворешни работи Бујар Османи викендов потврди дека тие се на маса. Изминатиот период од македонскиот државен врв постојано пристигаат пораки и дека нема потреба од потпишување на анекс на Договорот за добрососедство, како и дека придвижување очекуваат по изборите кај источниот сосед, што не е во согласност со средбите на Бучковски во Софија.
Следната меѓувладина конференција треба да се одржи во Скопје, но како што рече Османи, откако двете страни ќе проценат дека има доволно материјал за да може да се состане и да усвои документи, кои потоа ќе бидат усвоени на Влада. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека „се планира Бучковски тајно да преговара за македонскиот јазик и идентитет, како и дека Владата ги крие условите и барањата од Анексот на Договорот со 12 точки од граѓаните“. (В.С.Н.)