„Целата претстава е исполнета со референци за слепилото, не физичкото, туку внатрешното… трагедијата да се биде слеп при очи“, рече актерот Ирвин Апел, кој ја игра улогата на кралот Лир. „Прашањата на слепилото при вид, на лојалноста, последиците на стареењето, лошите избори во животот се секогаш актуелни. Посебноста на нашата поставка е токму во тоа што ние сме интернационална екипа и ја подготвувавме претставата токму за Охрид. Во својата основа, таа е креирана за ‘Света Софија’“, посочи режисерот Џон Блондел

Со бурни аплаузи и овации завчеравечер, во предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид, беше наградена претставата „Кралот Лир“ од вонвременскиот Вилијам Шекспир, во изведба на актерите од „Lit Moon Theatre“ од Санта Барбара, САД и во режија на извонредниот Џон Блондел. Одиграна во рамките на Американската вечер на „Охридско лето“, оваа светска премиера предизвика голем интерес кај публиката, која го исполни просторот до последното место и имаше ексклузивна можност да види една извонредна актерска игра.

Претставата овој пат беше во продукција специјално подготвена за фестивалската  публика и наменски осмислена да се игра во еден неповторлив амбиент, со меѓународна актерска екипа составена од уметници од Финска, Велика Британија, Ерменија, САД, Македонија…

Во претставата се испреплетуваат приказни за две семејства. Во едното, Лир го дели своето кралство меѓу двете ќерки, кои му ласкаат, а ја прогонуваат најмладата ќерка, која искрено го сака. Во другата приказна, војводата од Глостер му верува на синот, кој е предавник, но се сомнева во неговата лојалност. На крајот, приказните се спојуваат во една, со премногу болка.

„Целата претстава е исполнета со референци за слепилото, не физичкото туку внатрешното… трагедијата да се биде слеп при очи“, рече актерот Ирвин Апел, кој ја игра улогата на кралот Лир.

Нина Салинен, која ја игра улогата на најмладата ќерка на Лир, истакна дека нејзината особеност произлегува од тоа што Корделија е единствениот лик во претставата што простува, што носи искреност…

„Тоа што две седмици интензивно работевме во изолација, без многу контакти со надворешниот свет, за нас претставува своевидна медитација преку која можевме подлабоко да навлеземе во срцевината на самата претстава. Ваквиот начин на подготовка, секако, ќе има ефект врз нас, на ниво на потсвеста. Тешко е да се анализира додека се работи на подготовките, секако очекуваме да се искристализираат работите откако ќе излеземе на сцената“, рече таа.

Во претставата играат и: Брајан Харвел, Џејмс Меккартим, Мајкл Бернард, Метју Тавијанини, Вардан Мкрчјан, Мичел Томас и Даен Хенри.

Режисерот Џон Блондел, во пресрет на изведбата, посочи дека величината на текстовите на Шекспир се гледа во нивната еластичност, во флексибилноста…

„Ние ја скративме претставата на 90 минути, но не се загуби ништо од темите и прашањата во текстот што се однесуваат на човековата психа, тие трансцендираат на секоја култура. Прашањата на слепилото при вид, на лојалноста, последиците на стареењето, лошите избори во животот се секогаш актуелни. Посебноста на нашата поставка е токму во тоа што ние сме интернационална екипа и ја подготвувавме претставата токму за Охрид. Во својата основа, таа е креирана за ‘Света Софија’“, посочи Блондел.

Сценографијата и костимите, пак, се дело на нашиот познат костимограф, Благој Мицевски, кој изработи впечатливи костими. Ова му е втора премиера годинава на „Охридско лето“, по неодамнешната „Галеб“ со Битолскиот народен театар.

„Сум работел многупати во ‘Света Софија’, заднината на црквата е идеална сценографија за костимите што ги изработив, тие само ги надополнуваат карактерите во претставата и односите меѓу нив“, истакна Мицевски.

Инаку, основан во 1991 година, „Lit Moon Theatre Company“ е колектив на театарски уметници со седиште во Санта Барбара. Неговата мисија е да понуди театарски искуства што ги прошируваат и ги продлабочуваат разбирањето на светскиот театар и културните традиции и промовираат и инспирираат меѓукултурно разбирање преку театарска изведба во живо. Од 1992 година, „Lit Moon“ создаде 45 нови театарски проекти, продуцира тринаесет меѓународни театарски фестивали, доби десетици награди за своите уметници.

Режисерот Џон Блондел, пак, е добитник на 13 независни театарски награди, во 2003 година беше добитник на наградата за факултетско истражување од колеџот „Вестмонд“, во 2013 г. беше именуван за учител на годината и „локален херој“ за својата „неуморна посветеност“ на меѓународната театарска заедница. До денес, Џон има режирано над 100 продукции во САД, Европа и Азија.    (Д.Т.)

Вечерва концерт на камерен оркестар и претстава

Вечерва (30 јули) во 21:00 ч., во црквата „Света Софија“, во рамките на „Охридско лето“, ќе биде одржан концерт на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“. Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“. Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, пак, вечерва во 21:00 ч., премиерно ќе биде изведена претставата „Рацин“ според Кочо Рацин, во режија на Дејан Пројковски и во изведба на ансамблот на Велешкиот театар. Претставата „Рацин“ нема цел да ги прикаже фактите онакви какви што ги пренела историјата, а културата ги кодирала во себе, целта е да се обојат тие со автентичен рефлектор, да се фрли светлина врз митологизираниот Рацин, да се деконструира, да се демитологизира и да се дадат неколку возможни одговори на прашањето: Што ни значи нам Рацин денес?

Драматург е Сашо Димоски, сценограф е Валентин Светозарев, костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска, а композитор – Сашко Костов.