Килијан Мбапе на крајот од минатата сезона реши да го напушти ПСЖ по седум години и кариерата да ја продолжи во Реал (М) каде пристигна без обештетување бидејќи му истече договорот со францускиот клуб.
Нема дилема дека транферот на на Мбапе е огромна работа само по себе за шпанскиот гигант и дека „кралскиот клуб“ доби огромно засилување.
Сепак, Мбапе се уште не може целосно да се вклопи во својот нов тим и да ја достигне формата каква што се очекува од него.
Иако имаше неколку добри натпревари на почетокот од сезоната, јасно е дека ќе треба малку време за Мбапе да покаже колку всушност може, и да одигра на нивото на кое беше претходните години во ПСЖ.
Французинот беше одлично примен од новите соиграчи, но како одминува времето јасно е дека не се сите воодушевени од тоа што Мбапе го прави на теренот.
Иако Карло Анчелоти се обиде да го сврти вниманието на Мбапе на одредени работи кои ги направи во ПСЖ, а кои не одат најдобро во Реал, сигурно е дека на одличниот напаѓач ќе му треба време да го „примени“ сето тоа.
Една од најголемите критики на сметка на Мбапе е неговиот недостаток од дефанзивна помош кога противничките тимови ја имаат топката.
Шпанскиот весник „Релево“ пишува дека по дебаклот против Барселона (0:4), некои играчи на Реал решиле да се побунат и јасно да му дадат до знаење на Французинот дека не може да се однесува толку ноншалантно кога тимот се брани.
Мбапе воопшто не се обидува да помогне во одбраната и ретко се враќа на половината од својот тим, што навистина им пречеше на некои од соиграчите.
„Релево“ пишува дека му одржале предавање на Французинот и јасно му кажале дека мора да го промени тоа и да учествува многу поактивно и подобро кога тимот се брани, а не да набљудува од центарот на теренот.
На почетокот на сезоната Џуд Белингам ги критикуваше соиграчите по дуелот со Мајорка и им порача на Мбапе, Винисиус и Родриго дека мора повеќе да се враќаат во одбраната и дека не смеат така да се однесуваат ноншалантно кога ја губат топката.