Азискиот гигант „Тему“ забележа значителна експанзија на Балканот, вклучувајќи ја и нашата земја, со бесплатна достава и пораст на нарачките од сите градови. За купувачите формирани се групи на социјалните мрежи каде се споделуваат искуства и совети. Засега нема пријави за незадоволни купувачи.
Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) потврди дека сè уште немаат поплаки за онлајн-пазарувањето од „Тему“, но предупредуваат дека потрошувачите треба да бидат внимателни.
„Иако многу граѓани почнаа да купуваат производи преку платформата, сè уште е рано за конкретни искуства. Засега нема поплаки од македонските потрошувачи“, велат од ОПМ.
Сепак, тие напоменуваат дека платформата „Тему“ е регистрирана во странска земја и дека македонските закони за заштита на потрошувачите не се применливи. Во случај на проблеми, купувачите ќе треба да ги решаваат со продавачот. „Не можеме да се повикаме на домашните закони, ниту да поведеме постапка преку Државниот пазарен инспекторат“, додаваат од ОПМ.
Исто така, на социјалните мрежи е создадена група за луѓето кои направиле погрешна нарачка да ги продадат своите артикли. И покрај популарноста на оваа платформа, ОПМ предупредува на потенцијални ризици, бидејќи влијанието на овие производи, материјали и хемикалии врз здравјето не е тестирано.
Сепак на „Тему“ се гледа како на освежување во однос на значително пониските цени, можноста за бесплатна поштарина и атрактивни понуди и попусти. Иако не подлежи на домашните или законите на ЕУ, „Тему„ има политика за поплаки и враќање. Потрошувачот има право да се премисли и да го врати производот во рок од 90 дена.
Во меѓувреме, различните контроверзии околу оваа апликација ја наведоа Европската комисија да започне истрага против кинеската платформа поврзана со прекршување на правилата за заштита на потрошувачите и продажба на небезбедни производи.