Булдожер-дипломатијата е дволична- не тапка по рамо, a бара да бидеме во пакет со Албанија

362

Што ќе донесе новата методологија за проширување на Европската Унија ќе знаеме за два дена. Европската комисија својот предлог за нова методологија за процесот на пристапување во ЕУ ќе го претстави во среда, на 5 февруари, во Брисел, а наредниот ден еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, лично ќе ги изнесе новите упатства за политика за проширување на ЕУ. Вархеји неодамна при посетата на Македонија порача дека измените во законот за јавно обвинителство се битни за земјата и нејзините европски аспирации, и го наметна тоа како неформален услов за добивање на датум за почеток на преговорите. По неколкумесечна пауза партиските тимови од власта и опозицијата се размрдаа во обид да ги усогласат ставовите за измените во законското решение. За утре е закажана нова средба, која во цајтнот ќе даде уште една шанса за компромис.

Експертите се децидни – исходот од преговорите за законот за јавно обвинителство нема многу да ја променат одлуката за Македонија.

-Датумот за преговори стана наша опсесија, како божем тој ќе ни ги реши сите проблеми. Неоспорен факт е дека влезот на Македонија во Унијата ќе трае десетина години, веројатно и подолго, и тоа е основниот факт во врска со тоа. Иако има разбирање за Македонија, кај добар дел од странците поради неразумната капитулација која си ја приредивме со Преспанскиот договор и чувствуваат вина дека треба нешто да направат за нас. Унијата уште долго нема да се проширува. Многу од нив се и дволични, како Меркел, велат дека треба да преговараме, а истовремено бараат да бидеме во пакет со Албанија. Околу 50% од членките го поддржуваат тој пакет, а другите, со право сметаат дека Албанија не е спремна. Макрон јасно кажа дека прво треба реформи во Брисел, а потоа проширување. Нема аргументи дека тој ќе се премисли. Македонија нема изгледи да стане членка пред 2032, 2033, 2034 и ние само си правиме циркус со законот за јавно обвинителство, вели амбасадорот Ристо Никоски во изјава за весникот Вечер.

Претставниците на Меѓународната заедница порачуваат законот не е нов услов за отворање преговори со Унијата, но потенцираат дека неговото донесување ќе биде добра порака и сигнал за земјите членки да се согласат преговорите да започнат.

За разлика од амбасадорот Никоски, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу е оптимист дека пролетва ќе има позитивни вести за Македонија.

-Не верувам дека евентуално недонесување на законот за јавно обвинителство ќе ја пролонгира одлуката за датум за Македонија. Донесувањето на законот е како препорака, за да се покаже дека политичарите може да се надминат себеси и да се договорат за владеење на правото и за независно судство. Дали ќе се изгласа за да добиеме попозитивен извештај е техничка работа, но не е услов, додава Муслиу за весникот Вечер.

Утрешната средба е втора, откако минатата недела експертите и политичарите  два дена дебатираа на јавна расправа на која имаа можност да ги изнесат своите забелешки за предложените измени во законското решение.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ досега не достави амандмани за новиот закон за јавно обвинителство. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски деновиве порача дека во новиот закон треба да се внесат забелешките од експертите дадени на дводневната јавна расправа во Собранието.

-Кажаа што мисли фелата, експертската јавност, како треба еден реформски закон да изгледа и што не е во согласност со Уставот. Ниту Зоран Заев, ниту Рената Дескоска се секунданти, ниту луѓе кои поднесуваат ултиматуми, ниту пак ние сме луѓе кои ултиматуми прифаќаат. Така што, сите оние експертски забелешки што можеше да ги слушне министерката Дескоска, господинот Зоран Заев можат едноставно преку институциите, кои ги владеат, а тоа е предлагачот, во овој случај Министерството за правда, да ги преточат во амандмани, во содржина на законско решение и истото тоа законско решение да го поднесат во рамките на процедурите на Парламентот и ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржиме, рече Мицкоски.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, е јасен, гласен и прецизен по оваа прашање, а тоа е дека ќе поддржат сè што кажаа експертите.

-Не можеме ние политичарите да бидеме поголеми експерти од експертите, кои практично го посветиле својот живот на оваа проблематика. Тие имаа јасни и недвосмислени ставови, додаде лидерот на опозициската партија. 

На неопходноста од донесување на законот за ЈО изминатите денови освен меѓународниот фактор, укажуваат и внатрешните политички фактори.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев викендов порача дека е добро за државата сега, пред избори, да се донесе законот за јавно обвинителство. Изрази надеж дека Владата ќе го усвои на наредната седница за да може до распуштање на Парламентот да се најде на пленарна седница.

Новиот Предлог-закон за Јавно обвинителство се очекува да биде донесен до 12 февруари, кога треба да се распушти овој собраниски состав. За неговото донесување неопходно е двотретинско мнозинство.