Бугари “никнаа” во Албанија – дали Софија ќе бара и од Тирана да ги внесе во преамбулата?

Македонскиот премиер го отвори и прашањето дали по резултатите од пописот во Албанија, според кој во таа држава живеат 2.281 Македонец, а 7957 се попишани како Бугари, сега Софија ќе бара и од Тирана да ги внесе Бугарите во Уставот. -И сега се поставува прашањето бидејќи во Албанија има речиси трипати повеќе кои се изјаснуваат како дел од бугарската заедница, дали и од Албанија ќе има услов да тие бидат во преамбулата на Албанија или нема да бидат. И прашањето е дали и за нив ќе важи тој услов или само за нас ќе важи. И баш би сакал да видам каква ќе биде реакцијата, и не ја сфаќам логиката зошто за нас би важело, а за таму каде што ги има трипати повеќе да не важи, изјави вчера Мицкоски

405

Помина времето на политичари со свиткана кичма, бугарскиот претседател Румен Радев и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис треба да се навикнат на новата политика во Македонија, која ги штити интересите на македонските граѓани, порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски откако лидерите од двете соседни држави на заедничка средба во Атина како главна тема го имаа „провокативниот став на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и на премиерот Христијан Мицкоски“, а Радев изјави дека „раководството на Република Северна Македонија не е подготвено“ и „на властите во Скопје им недостига познавање по уставно право“. Бугарскиот претседател се повика и на бројката од 120.000 Македонци кои имаат бугарско државјанство, „со документирано бугарско потекло“. Мицкоски рече дека има помало државничко искуство од бугарскиот претседател и од грчкиот премиер, но дека добрососедска политика не се гради „со омаловажување и со навреди“ и дека таквото однесување треба да остане во средниот век.

-Мислев дека сега, во 21 век, треба да зборуваме како заеднички да ја развиваме нашата заедничка економија, образование, туризам, луѓето да ги вмрежуваме, да ги зближуваме. Јас сум подготвен за тоа да зборувам и мислам дека моите соговорници од таа страна треба да ги преиспитаат тие свои изјави и начин на однесување, но јас не сум тој – кој сум јас да им солам ним памет што да прават тие. Ние сме малоброен и мирољубив народ подготвен да гради добрососедски односи со секого, но соработката ја гледаме како двонасочна, а не како еднонасочна улица. Поминаа времињата кога ќе има кај нас, во македонската Влада, политичари со свиткана кичма, политичари кои се себепонижуваат, политичари кои се подготвени се да потпишат само не да го заштитат интересот на македонските граѓани, а од друга страна, додека тоа го прават, мавтаат со македонското знаме и паралелно со тоа ја ограбуваат државата и граѓаните. Мора да се навикнат на политичари коишто се тука да ги штитат интересите на граѓаните, да работат за доброто на татковината, за иднината и подготвени сме со секого да градиме добрососедски односи, рече Мицкоски.

Македонскиот премиер го отвори и прашањето дали по резултатите од пописот во Албанија, според кој во таа држава живеат 2.281 Македонец, а 7957 се попишани како Бугари и првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица од оваа националност, сега Софија ќе бара и од Тирана да ги внесе Бугарите во Уставот. Според него, асимилаторската политика од страна на нашиот источен сосед не е само кај Македонците.

-Ако ги видите бројките, ќе видите дека таа зафаќа голем дел и од останатите граѓани во Албанија. Тоа е нешто коешто мислам дека треба посериозно да се анализира. И сега се поставува прашањето бидејќи во Албанија има речиси трипати повеќе кои се изјаснуваат како дел од бугарската заедница, дали и од Албанија ќе имаме услов да тие бидат во преамбулата на Албанија или нема да бидат. И прашањето е дали и за нив ќе важи тој услов или само за нас ќе важи. И баш би сакал да видам каква ќе биде реакцијата, и не ја сфаќам логиката зошто за нас би важело, а за таму каде што ги има трипати повеќе да не важи. Треба многу внимателно да се пристапи кон овие прашања, рече Мицкоски и обвини дека претходната влада на СДСМ и ДУИ оставила празен простор за бугарска пропаганда.

Уште пред изборите во земјава, кога беше јасно дека ќе има промена на власта, Атина и Софија ја заострија реториката кон Македонија, особено по јасно искажаните ставови на Мицкоски дека цврсто ќе ги штити интересите на македонската држава и на македонските граѓани. Бугарија го блокира македонскиот пат кон ЕУ и бара внес на Бугарите во македонскиот Устав, што за премиерот Мицкоски е диктат и е дециден дека нема да се случи, додека грчките политичари негодуваат на изоставањето на Северна, што за Мицкоски и Сиљановска Давкова е право на самоопределување. Третиот фронт во надворешната политика се отвори со пописот во Албанија, на кој реагираше и македонското МНР со ставот дека тој не ја отсликува соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата.  (В.С.Н.) 

Северна Македонија не е северна за Бугарија!

Именувањето Северна Македонија не е коректно именување на државата и Бугарија има целосна основа да го постави на дневен ред тоа прашање – да се промени името на државата Македонија, кое во крајна сметка сите знаеме дека е северна од Грција, а за нас не е Северна, изјави бугарскиот верски аналитичар и историчар Горан Благоев, во разговор за Сител телевизија.

-Се надевам, иако не знам колку тоа го има во умот на нашите политичари, да се постави прашањето за веќе зовриеното прашање за Преспанскиот договор. На крајот, именувањето Северна Македонија не е коректно именување на државата и мислам дека Бугарија има целосна основа да го постави на дневен ред тоа прашање, да се промени името на државата Македонија, кое во крајна сметка сите знаеме дека е северна од Грција, а за нас не е Северна. Мислам дека така ќе се признае и достоинството на македонските граѓани во македонската држава бидејќи колку што знам, Северна Македонија е име кое воопшто не ви се допаѓа, вели Горан Благоев, верски аналитичар и историчар од Софија.