Бугарската страна побарала планираната средба со македонските претставници за третата фаза од изградбата на пругата на коридорот 8, а претходно договорена за оваа недела, да се одложи за наредната. Министерот за транспорт, Александар Николоски, вчера од собраниската говорница ги повика бугарските претставници „да соберат храброст да се одржи третиот состанок за изградбата на пругата“.
Николоски потенцираше дека оваа Влада, иако била критикувана од Бугарија, постапила домаќински бидејќи се заштедени пари на граѓаните.
– Во однос на аргументите, фудбалски кажано, Бугарија ја добивме со 3:0. Трите наши аргументи се прифатени, очекувам да соберат храброст и да се одржи третиот состанок во Скопје. Еве, оваа недела требаше да се одржи во Скопје, но одолговлекуваат. Нека соберат храброст да ја затвориме оваа тема. Нашите аргументи се јасни. Да се направи ревизија на цената, мора да има заеднички проект за, потенцијално, тунелот што треба да ги спојува двете држави и трето, да си го завршат својот дел да се спојат до границата – рече Николоски.
Според него, поентата за изградба на оваа пруга е да се споиме и да имаме воз од Скопје до Софија и Црното Море.
– Во однос на другата страна на коридорот 8, нашиот сосед има некоја железница од времето на Енвер Хоџа, која е нефункционална и завршува во местото Лин. Но, ако ги следите медиумите, тие почнаа да работат на две железнички линии што не се поврзани со Македонија, а тоа е Драч – Тирана и другата што сакаат ја да градат е од Валона – Драч – Бар и да се поврзат со пристаништето Бар, и целосно го игнорираат потенцијално коридорот 8. И да се прашаме дали треба да се трошат пари за нешто што нема да нè поврзе со никого, па мислам дека подомаќинско мислење од ова нема – изјави Николоски.
Тој истакна дека Македонија работи на стратешкиот проект за брза пруга на коридорот 10, кој треба да биде крвоток на македонската економија.
– Најпрво, потребни се рехабилитација и реконструкција на пругата на коридорот 10 и, секако, големата визија е брза пруга, на која би се оперирало со 200 километри на час во патничкиот сообраќај и со 120 во товарниот. Тоа, според мене, би бил крвотокот на Македонија, но, исто така, и користење на стратешката позиција. Додека го правиме тоа, се работи и на коридорот 8, каде што има три дела. За првиот дел од пругата Куманово – Белјаковце, во должина од 31 километар, ќе биде завршен до крајот на годината. За вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, активностите се одвиваат бавно – истакна Николоски.
Тој го повика Обвинителството да постапува.
– Причина е изведувачот, изградени се 27,3 проценти, а рокот е октомври 2026 година. Го повикувам Обвинителството да истражи како е избрана компанијата „Ѓулермак“, дали е манипулирано со должината на шините и со начинот на монтирање и на тој начин е отфрлена конкуренцијата. За ова имам доставено и пријави до ЈО, како и ревизорски извештаи, но досега не е направено ништо – рече министерот за транспорт.
(С.Бл.)