Брутално искрено и отворено, Весна Бејби го разголе животот и не насмеа…

110

Зборуваше за својот живот, но многумина се пронајдоа, ги откри деталите од случките за кои се зборуваше и во јавноста и им ја затна устата на душегрижниците, си ја отвори душата и притоа не штедеше никого… Во час и половина, завчеравечер, на сцената на Македонскиот народен театар пред присутното семејство, пријателите, колегите брутално искрено и отворено беше распослано целото едно животно патешествие. Весна Бејби Петрушевска, актерка, ќерка, поранешна сопруга, пријателка и пред се … мајка.

Јубилејот 25 години на сцената на МНТ таа реши да ги одбележи со стендап шоу кое го нарече “Влези, не се соблакај“. А токму насловот на нејзиното шоу како што посочи и самата, има симболично значење, “Нели сите ние кога бевме децата моравме да се соблекуваме кога ќе одевме на гости, и моравме да седиме мирни и не смеевме да земаме од масата иако токму тогаш најмногу ни се јадеше…“.

И потоа во нејзиниот стил, раскажани на брутално искрен, отворен, емотивен и пред се духовит начин, таа ги откри епизодите од својот живот поврзани со детството, бракот со сега веќе бившиот сопруг, врската со помладиот партнер од која “излезе 20 килограми послаба#, за заблудите дека четириесеттите се како нови дваесетти, особено ако станале веќе 49, за депресијата, пожарот во семејната куќа и…. секако, за нејзиниот автомобил – во Вардар.

Весна без влакно на јазик раскажа за првата брачна ноќ, кога сопругот наместо да води љубов со неа, цела ноќ ги броел парите, за пријателот геј од Белград, кој им бил на гости и претскажал дека ќе се разведат. На сцената слушнавме и што се случувало во моментите откако пријателката Вики и соопштила дека колата и паднала во Вардар и колку Игор Џамбазов и “помогнал“ во тие моменти. Слушнавме и за нејзините деца Мина и Филип, за последната нејзина врска со помлад човек, и одлуката да стави крај.

За шегите на сметка на нејзината дебелина и тоа токму од колегите Тони и Игор, кои на смеа ги обвини дека токму тие и ги одобрувале дечковците. Слушнавме и за најтешките моменти кога била во длабока депресија и дури се обидела со апчиња да си го одземе животот, но и за моментот кога дознала дека нејзината најдобра пријателка и продуцентка Вики има канцер…

Весна Петрушевска ни дозволи за момент да влеземе во нејзиниот живот, таа всушност го сподели со нас, за на крај да ни порача “Тоа е мојот живот, смејте се, плачете, радувајте се лутете се, тоа е животот, вреди да се живее”.

Стендап шоу полно со емоции и смеа од срце, заврши со бурен аплауз, но и прегратки од нејзините деца и децата од нејзината актерска школа