Бројот на жртви во поплавите во Шпанија порасна на 224, најмногу загинати има во Валенсија

27

Бројот на жртвите во поплавите во Шпанија се искачи на 224, а 16 лица се уште се водат како исчезнати, се наведува на веб-страницата на шпанската влада.

Како што се додава, 216 лица загинале во Валенсија, седум во Кастиља Ла Манча и едно во Андалузија, пренесува Ефе.

Владата наведува дека се извршени обдукција на сите жртви, а 197 тела се предадени на нивните семејства.

Повеќе од 100 од 216 смртни случаи регистрирани досега во Валенсија биле постари од 70 години, а девет биле малолетни, според официјалниот биланс на Центарот за интеграција на податоци објавен од страна на Врховниот суд на правдата во Валенсија.

Од вкупниот број починати, 131 се мажи, а 85 се жени, 190 се од шпанска националност, а уште 26 се од 11 други земји.

Од 26-те странци кои ги загубија животите, мнозинството се од Романија (9), но жртви има и од Мароко (4), Кина (4), Обединетото Кралство (2), Еквадор (1), Венецуела (1), Украина (1), Холандија (1), Тунис (1), Колумбија (1) и Парагвај (1).

Невремето во Шпанија започна на крајот на октомври, проследено со големи поплави, кои најтешко го погодија регионот на Валенсија.