Бројот на загинати од разорните поплави во Шпанија надмина 200, спасувачите отворија импровизирана мртовечница во Валенсија на 1 октомври за да ги отстранат телата.
Во Валенсија, источниот шпански регион најтешко погоден од поплавите, распоредени се речиси 500 војници за да помогнат во операциите за пребарување и спасување и да им помогнат на преживеаните.
Шпанските власти соопштија дека бројот на загинати најверојатно ќе се зголеми. Поплавите, предизвикани од силниот дожд, се најголемата катастрофа во модерната историја на Шпанија и најсмртоносната катастрофа во Европа од 1970-тите.
Спасувачките тимови исто така работат на расчистување на патиштата и пронаоѓање на повеќе луѓе за кои се верува дека се заробени во поплавените подрачја.
„Се обидуваме да ги отстраниме автомобилите за да видиме дали има повеќе жртви“, рече еден член на спасувачките тимови за време на изјавата за шпанската јавна телевизија.
Поради природната катастрофа околу 75.000 домови останаа без струја, а пожарникарите земаат гориво од напуштените автомобили на жителите кои се евакуирани за да наполнат генератори за да можат да продолжат со работа во поплавените подрачја.
Врнежите што почнаа на 29 октомври предизвикаа уништување на патишта, железници и мостови, бидејќи реките се излеаја од коритата.
Иако нивото на водата се намали во поголемиот дел од Валенсија, спасувачките тимови сѐ уште не можат да стигнат до некои области поради блокираните патишта.
Бројот на загинати во поплавите во Шпанија е најголем во Европа од 1970 година, кога во Романија загинаа 209 лица.
Научниците велат дека климатските промени предизвикани од човекот ги прават екстремните временски настани почести, поинтензивни и подолги.
Метеоролозите веруваат дека затоплувањето на Медитеранот, кое го зголемува испарувањето на водата, игра клучна улога во сè пообилните дождови.
Уништени се згради и инфраструктура, огромен број автомобили натрупани по улиците, а затворени се и голем број патишта.
Опозицијата ја обвини владата во Мадрид дека реагирала бавно и не ги предупредувала жителите, како и дека не испратила спасувачи навреме.
Министерството за внатрешни работи на земјата веднаш ги обвини локалните власти за лоша реакција и за непреземање соодветни мерки за цивилна заштита.
Шпанската полиција уапси 39 лица во четвртокот вечерта кои ограбувале во поплавените подрачја. Полицијата пронашла поголем број украдени предмети.