Шпанскиот премиер Педро Санчез ги објави најновите податоци, според кои досега најмалку 211 лица загинале во поплавите што се случија ноќта меѓу вторникот и средата на југоисточниот дел на Шпанија.
Податоците за бројот на загинати во поплавите се објавени во најновиот извештај на шпанската влада.
Шефот на владата изјави дека продолжуваат операциите за потрага по исчезнати лица.
Санчез денеска најави испраќање на 5.000 војници и уште 5.000 полицајци и жандарми за помош на жителите.
Повеќе од 1.000 војници од единиците за одговор при вонредни ситуации претходно беа распоредени во опустошените области.
Повеќето од загинатите се во регионот на Валенсија, а потоа следат соседните региони Кастилја-Ла Манча и Андалузија.
Засега не се знае колку лица се водат за исчезнати.
Медитеранскиот брег на Шпанија често е погоден од бури и поплави наесен, но поплави од ваков размер не се регистрирани со години.
Шпанија се уште се опоравува од големата суша, а исушената почва, со рекордно високите температури за овој период од годината, тешко апсорбира големи количини вода.