Албанското министерство за одбрана ги објави имињата на настраданите во разорниот земјотрес кој ја погоди Албанија пред три дена, а билансот на жртвите официјално е зголемен на 49.
Спасувачките екипи се концентрирани во потрага по настрадани под урнатините на еден хотел на крајбрежјето на приморскиот град Драч.
Според податоците на Министерството за здравство, повеќе од 2.000 луѓе се повредени во земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтерова скала кој во вторникот рано наутрo го потресе Драч и околината, пренесува АП.
Утринава, премиерот Еди Рама на итната седница на Владата потенцираше дека хуманитарните акции треба да се менаџираат заедно со цел праведно делење на помошта.
„Веќе нема потреба од помош, бидејќи благодарение на вас има масовна помош, но може да има потреба за поголема координација. Ги молам сите тие што ќе доаѓаат да се обратат до Министерството за одбрана, со цел да се изврши што поправедна поделба на помошта.“
Се очекува албанската влада во понеделник да свика итна седница за да ги определи потребните средства за итен надоместок. До крајот на годината, односно додека да заврши постапката за проценка, не може да се очекува исплата на штетите од земјотресот. Жителите погодени од оваа трагедија почнаа да се сместуваат по хотели. Дел од нив се уште остануваат во шатори.