Тенкот Лимо веројатно е првиот и единствен продолжен тенк на светот кој може да се изнајмува. Се наоѓа во Велика Британија, а со него управуваат деловните партнери Ник Мид и Тод Чемберлејн.
Оние кои сметаат дека изнајмувањето на Бентли или Ролс-Ројс за специјални прилики повеќе не е хит, сега имаат необична алтернатива.
Приказната на Мид со тенковите започнала пред 30 години кога купил два. Во тоа време целта му била да задржи еден тенк, а другиот да го продаде, меѓутоа дури и пред да му бидат доставени, една компанија побарала нивно изнајмување така што за таа услуга вратил повеќе од половина од парите кои ги вложил. Со тоа, Ник сфатил дека има одлична деловна прилика.
Продолжениот тенк е потполно легален за возење по улиците во Велика Британија, но мора да користи гасеници со гумена заштита. Тежок е 17,5 тони, а максималната брзина со која смее да се движи е 32 километри на час.
Иако тенкот е голем и тежок, со него сепак е лесно да се управува бидејќи се ротира во средината. Најниската цена по која може да се изнајми е 1600 фунти, односно околу 1762 евра.