Британец им остави значителен дел од своето наследство на вработените во хотел во турското одморалиште Кушадаси, каде што вообичаено го минувал летниот одмор, пишува „Хуриет дејли њуз“.
Имено, Чарли Џорџ Кортни престојувал во хотелот „Ташкен Даштан“ во популарното летувалиште во Егејското Море од 1990 година, и таму бил вкупно 52 пати. Човекот починал пред седум години, непосредно по последниот одмор. Неколку дена пред да почине, тој се погрижил за тестаментот, според којшто дел од наследството оди кај вработените во хотелот.
Некои членови на семејството ја оспорија неговата последна желба, а други ја поддржаа. На крајот, неговиот внук, кон крајот на август оваа година, пристигна во Турција да ја изврши волјата на неговиот покоен чичко.
Службениците се трогнати од потегот на Британецот, познат меѓу нив и како „нашиот Чарли“. Собата бр. 401, каде што тој секогаш престојувал, e наречена „Соба на Чарли“, од страна на управата на хотелот.
Еден од вработените во хотелот вели дека ќе го искористи својот дел за образованието на своите деца.