Брисел ќе го одврзе ќесето, но не ја отвора вратата!

Децидната порака на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за уставни измени беше очекувана, но дел од познавачите сметаат дека таа испрати и политичка порака со изоставањето на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во моментов е клучен играч во овој процес и цврсто стои на ставот дека нема да има промена на Уставот. Малинка Ристевска-Јорданова, експерт за ЕУ, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека последната посета на претседателката на Европската комисија не донесе ниедна суштински нова порака до Македонија. Според неа, по оваа посета уште е понагласено прашањето како Македонија ќе се движи по „вистински“ пат на реформи, ако на преден план не се стандардите и вредностите на ЕУ, туку задоволувањето на билатералните барања на држави членки. Според поранешниот амбасадор Ристо Никовски, фактот што не се сретна со опозицијата значи само додатен притисок врз нив и потврда дека промената на Уставот во моментов, е главна преокупација на Унијата кога е Македонија во прашање. Тој предупредува дека со оваа преговарачка рамка, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата и нашата судбина ќе ја одредува историската комисија преку вториот протокол со Бугарија, кој што е клучен во рамката

982

Многу внимание привлече посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на земјава, која со Македонија ја започна турнејата низ земјите на Западен Балкан. Нејзината децидна порака за уставни измени беше очекувана, но дел од познавачите сметаат дека таа испрати и политичка порака со изоставањето на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во моментов е клучен играч во овој процес и цврсто стои на ставот дека нема да има промена на Уставот. Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека последната посета на претседателката на Европската комисија не донесе ниедна суштински нова порака до Македонија.

Отворениот „прозорец за проширување“ без конкретни ветувања

Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ

-Ветувањата за европската перспектива и отворениот „прозорец за проширување“ (кој сега е во фаза на дебата) се во ист стил како пред дваесет години, во времето на Солунската агенда – без конкретни ветувања и обврски. Пофалбите за „постигнувањата“ се во ист стил како по Преспа, но и порано. За жал, „неверојатниот напредок“ и „движењето во вистинска насока“ не се однесуваа на реформите врзани со acquis и стандардите на ЕУ, кои, пак, се очекуваат како приоритет – особено оние во владеењето на правото. И ставот дека се неопходни уставните измени за пристапување во ЕУ не е нов, вели Ристевска-Јорданова во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Според неа, по оваа посета уште понагласено е прашањето како Македонија ќе се движи по „вистински“ пат на реформи, ако на преден план не се стандардите и вредностите на ЕУ, туку задоволувањето на билатералните барања на држави членки.

 -Зачудува и очекувањето на Фон дер Лајен за отворање на кластерот „Темели“ до крајот на годинава ако се знае дека нема време ни за постапките што треба да се завршат во ЕУ за такво нешто, а камоли да се спроведат постапките дома, но и уставните измени, како предуслов за завршување на Првата меѓувладина конференција, појаснува Ристевска Јорданова.

Клучни се реформите

И поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека посетата на Фон дер Лајен не беше случајна и нејзина главна задача беше да не опомене дека мора да го смениме Уставот.

 -Таа навистина вети дека ќе го одврзат ќесето и дека ќе дадат повеќе пари, а тоа директно значи дека членство и проширување на Унијата уште долго време нема да има. Сепак, нејзината главна задача беше да не опомене дека мора да го смениме Уставот, иако јасно ни кажа дека клучни се реформите ако сакаме да размислуваме за напредок кон Брисел. Фактот што не се сретна со опозицијата значи само додатен притисок врз нив и потврда дека промената на Уставот во моментов, е главна преокупација на Унијата кога е Македонија во прашање, изјави амбасадорот Никовски.

Според него, проблемот за нас не е ниту во датумот на преговори, ниту во промената на Уставот, туку главната пречка за наше приближување на Унијата е преговарачката рамка.

 -За жал, тоа кај нас никој не го разбира. Со таква преговарачка рамка, каква што е денес, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Нашата судбина ќе ја одредува историската комисија преку вториот протокол со Бугарија, кој што е клучен во рамката. Тоа значи дека ако сакаме во Унијата, мора под итно да се откаже Договорот за (НЕ)пријателство со Бугарија и двата протокола, бидејќи Софија нема никогаш да не пушти во Брисел доколку не прифатиме дека сме биле Бугари до 1944 година, дека зборуваме бугарски дијалект, дека немаме сопствена историја… Ние сме на потег. Или ќе извршиме радикални промени во досегашната капитулантска надворешна политика, или ќе си останеме далеку од Европа, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

За време на посетата на земјава, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше децидна дека промената на Уставот е неопходна. На заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, таа порача дека Уставните измени се неопходен чекор на патот кон ЕУ, но изборот е наш. Фон дер Лајен рече дека политичките партии имаат одговорност за иднината на земјава и дека „прозорецот на можности е отворен“ и „ова е моментот кој треба да се искористи“. Таа е свесна дека овие процеси може да бидат предизвикувачки и потенцираше дека е сигурна дека земјава ќе ја одржи репутацијата како успешно мултиетничко општество. Претседателката на ЕК не одговори директно на прашањето дали е возможно Македонија да добие безусловни преговори од страна на ЕУ, односно процесот на уставни измени да биде решаван во текот на преговорите, очекување што го изрази лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, два дена пред нејзината посета на Скопје.

–Тука сум да ви кажам дека сте на добар пат да се приклучите во Европската Унија. Со нетрпение очекувам да ве пречекаме таму. Северна Македонија е суверена држава која ги прави сопствените избори. Изборот е ваш и затоа навистина се надевам дека сите партии, сите страни ќе го искористат тој момент и ќе ги поддржат уставните промени, затоа што се работи за вашата иднина, за вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Свесна сум за тековната работа во врска со измените на Уставот. Првите чекори веќе се направени во Собранието, и тоа се добри вести, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Во однос на најавите за 2030 година како можност за приклучување кон ЕУ, таа додаде дека овој процес се заснова на заслуги и никој не треба да чека одреден датум. Фон дер Лајен порача дека колку побрзо одат реформите толку побрзо земјата ќе се движи напред. Прашана зошто нема средба со лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, Фон дер Лајен рече дека, по правило, на патувањата се среќава со претседателот и со премиерот на државата. (В.С.Н.)