Идејата за забрзана интеграција на балканските кандидати во ЕУ со делумно замрзнати права доаѓа од западните аналитичари. Оваа новина ја промовираше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, според кого таа е интересна и вреди да се разгледа. Но, аналитичарите сметаат дека е тешко спроведлива со оглед на отпорот на граѓаните во главните членки на Унијата кон скорешното проширување. Уставните измени предупредуваат дека аналитичарите треба да се поврзани со гаранции за непречени и забрзани евроинтеграции. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, предупредува дека историјата ќе биде безмилосна со нас ако не ги продолжиме евроинтеграциите и повторно повика на меѓупартиски консензус.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека има аналитичари од Париз и Виена, кои ја промовираат идејата да се даде поскорешен датум за членство на државите од Западен Балкан, но со одредени нетипични дерогации. Односно, одредени права да им бидат замрзнати првите пет или 10 години, како правото на вето или правото на комесар. Тој вчеравечер нагласи дека тоа е идеја за која вреди да се разговара, бидејќи за нас е битно да влеземе во системот за политичко одлучување преку Европскиот парламент и Советот за министри што поскоро.
– Правото на вето и правото да се избира комесар од кај нас, дури и да дојдат подоцна не е страшен проблем, бидејќи секако на државите им требаат пет до 10 години да се социјализираат во тој нов систем. Ние сакаме во ЕУ заради прифаќањето на тие вредности и стандарди, влез на заедничкиот пазар и учество во крупните одлуки, рече Маричиќ за ТВ24.
Според вицепремиерот подобро е да сме на маса отколку да чекаме уште 10 години за ЕУ да се реформира и секако да ги немаме тие права.
Но, според дипломатот Ристо Никовски, иако оваа најава е убава вест, поради отпорот кој постои кај граѓаните на позначајните членки на Унијата, идејата за забрзани евроинтеграции на државите од регионов е тешко остварлива.
– Најавата на вицепремиерот Маричиќ дека се прават некакви подготовки во Унијата за побрз прием на последните кандидати од Балканот е позитивна и дава некаква надеж. Факт е дека тие промени кои се најавуваат, бидејќи се однесуваат само на кандидатите, би можеле евентуално и да се прифатат. Сепак останува реалноста дека Брисел не е спремен за проширување, дека главните две земји Германија и Франција имаат преку 60 отсто од населението што е против нови членки и мислам дека на крајот од денот тоа и ќе превагне. Затоа Македонија мора да биде свесна дека ако нема сигурни гаранции, сигурни промени во функционирањето на Унијата и дека е можен наш прием евентуално за 10-ина години, не треба во никој случај да врши уставни промени. Значи, Уставот може да се менува, но по претходен договор со Бугарија, кој ќе биде многу тешко да се постигне околу правата на Македонците во Пиринскиот крај и по силни гаранции дека ЕУ ќе даде можности за побрз напредок во преговорите за зачленување – изјави за весникот ВЕЧЕР, дипломатот Никовски.
Тој додаде дека ваквите најави се со цел на народот да му се создаде некаква надеж дека ќе влеземе побрзо во ЕУ, но лично тој не верува во сето тоа.
Вицепремиерот Маричиќ подвлече дека не може да велиме дека сме за ЕУ, а да не носиме одлуки за тоа.
– Ние треба да сфатиме дека не е возможно да притискаме на кочница и гас во исто време. Не може да велиме дека сме за ЕУ, а да не ги носиме одлуките кои нè носат таму. Колегите од опозицијата мора тоа да го прифатат и да изберат. Оваа година е клучна за расчистување на овие дилеми, посочи Маричиќ.
Тој додаде дека не е возможно, искорено и чесно да се тврди дека сте за членство во ЕУ, но „под наши услови, бидејќи ниту една држава не влегла под свои услови“.
– Имаме договор кој ни гарантира брз почеток на наредната фаза од преговорите, што потоа ќе покаже дека во однос на многу прашања сме понапред дури и од држави кои преговараат 10 години, рече Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека парламентарните избори немаат никаква врска со уставните измени и дека двотретинското мнозинство е потребно за државата да оди напред, а не за Владата.
Слично размислува шефот на македонската дипломатија Османи кој денеска повторно повика на обединување за членството во ЕУ.
„Повторно повикувам на меѓупартиски консензус за членството во ЕУ. Изгубивме две децении и историјата ќе биде безмилосна кон нас ако не ги продолжиме евроинтеграциите“ – рече министерот Османи, додадвајќи дека годинава ќе се залага за формирање на широка расправа со цел да се бориме против пропагандата која не спречува да стигнеме до суштината на евроинтеграциите.
Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, пак, во однос на тајмингот за внесувањето на Бугарите во Уставот, предлага уставните измени да бидат изгласани годинава, но да стапат на сила кога ќе влеземе во ЕУ. Ова, според дипломатот Никовски, е тешко изводливо бидејќи Македонија со потписите кои ги стави на договорите со Бугарија се обврза за уставни промени кои ќе бидат направени пред почетокот на преговорите со ЕУ и дека промена на тоа Бугарија никогаш нема да прифати.
(И.С.)