Брза помош ќе добие 12 нови возила, уште осум ќе се доопремат

156

Набавката на возила за Итна медицинска помош заврши, до крајот на месецот е рокот за испорака и ги очекуваме 12-те нови возила што ќе бидат распределени на повеќе места низ државата, а најмногу во Скопје. Со одлука на владата ќе преземеме осум комбиња од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство што биле наменети за некоја друга намена, но ќе може целосно да се пренаменат да бидат амбулантни возила и ќе се доопремат, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека со овој дополнителен број од осум возила ќе го надополнат целокупниот систем на Итна помош ширум државата. Со оваа бројка на 12 возила што ги набавуваме и овие дополнително осум возила, нагласи, сосема доволно ќе се надополни капацитетот на возила кои недостигаат.

Според Филипче, не се проблем само возилата, проблем е и кадарот. Затоа, појасни, 40 доктори во следниот период после изборите ќе бидат примени во Здравствениот дом Скопје и насекаде ширум државата.

– Исклучително ме прави горд тоа што сите млади лекари после лиценцирањето и завршувањето на стажот во Лекарската комора ќе добијат шанса за работно место токму во оваа служба. Значи сите доктори кои ќе завршат во нашата држава ќе добијат платено работно место за време од предвидениот, согласно измената на Законот за здравствена заштита, стаж од шест месеци. На тој начин ќе им биде овозможен влез во здравствениот систем. Верувам дека ќе ги стимулираме и да се надградуваат дополнително на начин на кој ќе почнат да ги добиваат знаењата и искуството на основно ниво на примарна здравствена заштита во сферата на Итната медицинска помош. Овој тренинг што сега го воведуваме ќе значи наградување на нивната експертиза, а на тој начин ќе бидат стимулирани и да останат да работат во нашата земја, додаде Филипче по отворањето на едукативната обука за ИМП и менаџирање ресурси за унапредување на здравствениот систем.