Еврокомесарот за внатрешниот пазар на Европска Унија, Тиери Бретон, кој вчера учествуваше на министерскиот совет за туризам, изјави дека последици врз овој сектор ќе бидат огромни и дека Европската Комисија се залага да му помогне, јави дописничката на МИА од Брисел.
Кризата со новиот коронавирус силно ќе го погоди туризмот оваа година, посебно за време на летните месеци, а затворените граници и откажаните летови веќе имаат силен ефект врз овој сектор.
Министрите за туризам на ЕУ вчера разговараа за економските последици во оваа област и како тие да се ублажат.
ЕК потврди дека ќе им пружи поддршка на сите 27 земји, ќе понуди специфични мерки за помош пред летото и подготвува заеднички европски одговор за закрепнување на туристичкиот сектор.
– Ќе ни бидат потребни фондови без преседан за да ја надминеме оваа криза. Имаме потреба од моќен ЕУ буџет за да тргнеме на патот на закрпенувањето и посилна и поотпорна Унија. Ќе ни бидат потребни брзо дејствување, прагматизам и креативност за да закрепнеме и да изградиме цврста и одржлива туристичка индустрија, но пред сѐ оваа криза бара солидарност, ниедна земја не може сама да ја надмине оваа криза, истакна Бретон.