Брачен пар од Скопје, што ја победи короната, се подготвува да дарува крвна плазма  

Расте бројот на лицата кои сакаат да помогнат во лекувањето на болните со ковид-19. Директорот на Институтот, Садула Усеини, за весникот ВЕЧЕР вели дека интересот за дарување крвна плазма секојдневно расте, но за  тоа е потребно по прележувањето на болеста, пациентот да  има стекнато доволна концентрација на антитела. Меѓу оздравените пациенти, кои сакаат да спасат човечки живот, е и  брачен пар од Скопје, што се избори со овој опасен вирус, сака да помогне и други болни лица да бидат oздравени како нив. Тие се ставени на список и чекаат да бидат повикани за да даруваат крвна плазма 

1541

Расте бројот на излекувани пациенти од коронавирусот во Македонија, а со тоа и расте бројот на оние што се заинтересирани да даруваат крвна плазма и да спасат живот на некое лице кое е заболено од ковид-19.

Во Институтот за трансфузиска медицина досега на нивнaта  меил адреса пристигнуваат голем број пријави, но не секој излекуван може да биде дарител.  Директорот на Институтот, Садула Усеини  за весникот ВЕЧЕР вели дека интересот за дарување крвна плазма секојдневно расте, но за  тоа е потребно по прележувањето на болеста, пациентот да  има стекнато доволна концентрација на антитела.

-Досега преку електронската апликација на веб-страницата на Институтот за трансфузиска медицина се пријавиле 28 лица да донираат плазма, но по извршените анализи е согледано дека само шест од нив можат тоа да го сторат – вели д-р Усеини.

Крвна плазма од излекуваните пациенти се користи за лекување на четворица пациенти сместени на Клиниката за инфективни болести. Тој нагласи дека дарувањето крвна плазма не носи никаков ризик за дарителите, а за да се земе крвна плазма од телото  потребни се 60 до 90 минути.

Според  лекарите специјалисти крвната плазма на пациенти, кои се здобиле со имунитет против ковид-19 е надеж за лек на луѓе кои сè уште се борат со вирусот.

Меѓу оздравените пациенти кои сакаат да спасат човечки живот е и  брачен пар од Скопје, што се избори со овој опасен вирус, па сака да помогнат и други болни лица да можат да оздрават. Тие се ставени на список и чекаат од Институтот за трансфузиологија да ги повикаат и да даруваат крвна  плазма.

-За да можеш да даруваш крвна плазма треба да се поминати 21 ден од последните симптоми, но и да  имаш три негативни теста на ковид-19. Првите два теста се потврда дека сте оздравени, а третиот е пред да може да дарувате плаза. Се прават и други дополнителни анализи, особено за жените што се мајки – вели за весникот ВЕЧЕР наша сограѓанка, која што потенцира дека не е лесно да се бориш со овој вирус и токму од тие причини смета дека треба да се биде хуман и да се помогне на оние наши сограѓани кои сега се болни и им е потребно помош.

Таа вели дека на сите им посакува што побрзо да оздрават и дека ќе ѝ биде мило ако таа и нејзиниот сопруг придонесат за тоа. Скопјанката ги охрабрува и другите да се пријават во Институтот и да бидат хумани и да спасат живот.

Плазмата е составен дел од крвта и 95% е вода, додека остатокот е составен од протеини, а во неа има и антитела кои се борат со вирусот.

Како што во неколку наврати кажа министерот за здравство Венко Филипче, третманот на заразените со оваа терапија започна да се применува и кај нас откако се увиде дека на тешко болните пациенти еден од начините да им се помогне е преку крвната плазма во којашто има антитела .Филипче појасни дека е тоа долга постапка, а за начинот на лекување се подготвени специјални протоколи.

Медицината ја користеа крвната плазма за лекување на многу болните и сега во минатото. Има податоци дека таа била користена и во други епидемии како што биле  шпанскиот грип, заразените со вирусот САРС,МЕРС,  ебола и свинскиот грип Х1Н1.  (В.Ма.)