Бојана Скендеровски: Не е точно дека сум заработила 13 илјади евра, тоа е вкупната сума на хонорарот за 13 пејачи на „Неготинската вечер“

1167

Реакција на Бојана Скендеровски за веста дека е најплатена македонска пејачка во 2024 година!

Ние, пејачите во Македонија, за жал, сè уште не можеме да ја постигнеме таа „мрсна“ сума, за разлика од нашите колеги од соседството, кои земаат и двојно повеќе од скромната сума за која бев платена како менаџер на проектот, а одговорна таа вечер за 13-мина учесници

Многу бури се кренаа вчера откако од Центарот за граѓански комуникации беше објавен список со најплатените македонски пејачи за 2024 година, но и список со најплатените пејачи од поранешна Југославија. И тоа со парите од македонските општини, чии каси се финансираат од народниот буџет. За очекување беше први на листата да се сексапилните сплиќанки Северина и Јелена Розга. Кога ќе се соберат нивните заработувачки, излегува дека од Македонија двете инкасирале околу 70 илјади евра од (народните) пари.

Но, сепак, поинтересно од ова за овие две пејачки „парољупки“ е тоа што на првото место меѓу македонските изведувачи според висината на заработувачката се најде поп-пејачката Бојана Скендеровски. Пејачката ни малку не остана рамнодушна на таа вест. Напротив. Еве ја нејзината бурна реакција:

– По објавата на Центарот за граѓански комуникации дека сум на листата со најплатени пејачи за изминатата година, сакам да дадам своја изјава. Поконкретно ќе ја објаснам сумата за која сум исплатена. На 13 септември, Општината Неготино ја организираше традиционалната „Неготинска вечер“, за која јас, како проект-менаџер на проектот „Македонијо во срце те носиме“, бев повикана да дојдам и да настапам со добар дел од изведувачите од споменатиот проект.

Таа сума за која се зборува, а се зборува дека сум заработила 13 илјади евра, воопшто не е точна! Тие пари беа наменета за хонорарите на 13 учесници во проектот, како и за озвучувањето на настанот, што значи дека секој од нас нема заработено повеќе од илјада евра. А, на оваа ужасна скапотија, тврдам дека тоа не се некои големи пари поради кои треба да се тревожат луѓето.

Ние, пејачите во Македонија, за жал, сè уште не можеме да ја постигнеме таа „мрсна сума“, за разлика од нашите колеги од соседството, кои земаат и двојно повеќе од скромната сума за која бев платена како менаџер на проектот, а одговорна таа вечер за 13-мина учесници. И овој пат се приклучувам на ставот дека се даваат премногу пари за пејачите од странство. Замислете што може да се направи за 500.000 евра, а да не се канат странци! Не, не можам ни да замислам. Мислам, секоја чест за настапите на Северина, Јелена Розга, Саша Ковачевиќ, тие ми се колеги, ги почитувам. Но кога ќе се почитуваме ние самите, пред сè меѓу себе, па да бидеме поплатени од сите тие од Србија, Босна или од Хрватска?                                  Секогаш се тие главни, а ние споредни. Не знам каков е тој македонски парадокс. Дури и во Неготино, за кое се води полемика, ние, македонските пејачи, бевме како некоја предгрупа на босанската ѕвезда Хари Мата Хари. Нели е срамно и жално тоа што се потценуваме самите? – логично со причина прашува популарната Бојана.

Д.М.