Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, денеска изјави дека хуманитарната ситуација во Појасот Газа „не може да биде полоша“ и рече дека отсега повеќе нема да зборува за мировниот процес, туку за решение со две држави.
„Хуманитарната ситуација не може да биде полоша. Нема зборови да се објасни ситуацијата, со стотици илјади луѓе без ништо, без храна, без лекови и под бомби. Секој ден се убиваат голем број цивили“, им рече Борел на новинарите, во пресрет на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој ќе се разговара со палестинскиот и израелскиот министер за надворешни работи.
Тој додаде дека за време на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ ќе претстави сеопфатен пристап кон ова прашање и рече дека верува оти е неопходно да престане да се зборува за мирот и мировниот процес, а поконкретно да се зборува за процесот на две -државно решение.
„Ајде да разговараме за тоа што сакаме да направиме, а она што сакаме да го направиме е да изградиме решение со две држави. Ајде да разговараме за тоа тогаш. Важен е методот на именување. Отсега нема да зборувам за мировниот процес, туку за процесот на решение со две држави“, рече Борел.
Тој додаде дека е неопходно да се проучат основните причини кои го спречуваат спроведувањето на таквото решение, а, како што наведе, Хамас е една од нив.
„Но, има и други“, рече Борел додавајќи дека мора да се разговара и проучи сеопфатен пристап, како и соработка со арапскиот свет.
„Наша морална обврска е да се обидеме да дадеме се од себе за да бараме решение. Отсега, зборувајте за процесот како решение со две држави“, рече Борел.
Тој додаде дека знае оти Израел има поинаков став и во тој контекст потсети дека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш вчера изјави дека отфрлањето на тоа решение од страна на Израел е неприфатливо.
„Тоа е решение одобрено од ОН. Целата меѓународна заедница стои зад тоа“, рече Борел.
Тој ги осуди нападите на Хамас, но оцени дека начинот на кој Израел се обидува да го уништи Хамас „не е така како што тоа го прави бидејќи сее генерациска омраза“.