БОРЕЛ ТВРДИ: Киев добил дозвола од САД за напади до 300 километри длабоко во Русија

1174

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека Киев навистина добил дозвола од САД да изврши напади длабоко на руска територија до 300 километри.

– Да, администрацијата на Бајден одобри употреба на оружје што и се доставува на Украина во радиус од 300 километри на територијата на Русија. Подобро било што отколку ништо. Не сум воодушевен од тој дострел, но тоа е одлука на администрацијата на Бајден. Зошто таа одлука е донесена сега, а не пред претседателските избори – не знам, изјави Борел во Брисел по седницата на Советот на министри за надворешни работи на земјите од ЕУ.

Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент објави дека не може да потврди дека Украина добила дозвола да изврши ракетни напади со долг дострел на руска територија.

Претходно „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименувани претставници на американската администрација, објави дека американскиот претседател Џозеф Бајден за првпат и дал на Украина дозвола да користи ракети со долг дострел за да погоди цели длабоко на руска територија. Според медиумите, шефот на Белата куќа го презел овој чекор откако се појавиле информации за „пристигнување на војници од Северна Кореја во областа Курск“.

Францускиот „Фигаро“ од своја страна објави дека и Франција и Велика Британија и дозволиле на Украина да таргетира руска територија со ракети „Скалп“ и „Сторм шадоу“.

Според Ројтерс, Украина би можела да ги изврши првите ракетни напади со долг дострел на руска територија во наредните денови. Според Блумберг, Киев ќе може да користи „атакамси“ за да го таргетира регионот Курск.

По одлуката на Вашингтон, руските власти предупредија дека на светот му се заканува трета светска војна и дека Москва силно ќе одговори.