Борел: ЕУ ќе одговори со мерки на насилството во Мјанмар

56

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска ја повика воената хунта во Мјанмар да престане со насилството на протестите во таа земја, за време на кои денеска беа убиени најмалку 18 лица.

Во објава на Твитер, Борел предупреди дека ЕУ ќе преземе мерки како одговор и истакна дека ЕУ „одлучно се залага за храбриот народ на Мјанмар“.

Тој посочи дека воената хунта во Мјанмар мора да сноси одговорност за тие активности.

„Војската на Мјанмар мора да престане со бруталната репресија над мирните демонстранти, во која многумина се мртви или ранети, отворено непочитувајќи го меѓународното право“, напиша Борел.

Канцеларијата за човекови права на ООН соопшти дека најмалку 18 лица се убиени, а над 30 се повредени денеска во Мјанмар, откако полицијата отвори оган врз демонстрантите кои протестираа против пучот и апсењето на легално избраната премиерка Аунг Сан Су Ќи.

Мјанмар е во хаос веќе еден месец, откако армијата изврши државен удар и ја приведе премиерката Аунг Сан Су Ќи и бројни други политичари, нејзини сопартијци, за наводна измама на изборите во ноември.

Некои западни земји воведоа ограничени санкции за воената хунта и го осудија пучот извршен од хунтата.

Извор:МИА