Полицијата приведе четири лица, а судот им одреди притвор поради посредување на проституција и перење пари. МВР, во соработка со надлежен јавен обвинител открија случај на проституција на девојки од Бразил сместувани во два стана во зградата на Џевахир. Приведените се осомничени за кривични дела – „Посредување при вршење на проституција“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Првоосомничената Д.Ј.Н.М. (34) е од Бразил , заедно со второ и третоосомничениот М.М. (57) и С.Д. (47), носеле и сместувале бразилки за ескорт услуги. Н.М. (23) е четвртоосомничен за кривичното дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според досегашните сознанија на МВР една година женскиот макро од Бразил која имала со дозвола за привремен престој во РСМ, заедно со второ и трето осомничените – македонски државјани, како и со две неидентификувани лица од Португалија, организирале, врбување, прифаќање, превезување и сместување на женски лица од Бразил. Донеле и сместиле во два стана во зградата на Џевахир пет бразилки од 26 до 38 години. Девојките давале сексуални услуги на клиенти кои со нив стапувале во контакт преку меѓународна веб страна наменета за понуда на ескорт девојки во цела Европа. На страницата девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои имало телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина.
Наплаќале по 800 евра за ноќ
Првоосомничената ги контролирала профилите на девојките, контактирала со потенцијалните клиенти: го организирала дневниот распоред на клиентите за секоја девојка; го определувала времетраењето на давање на услугите кои се движеле од 150 евра за половина час; 200 евра еден час; 300 евра два часа; 450 евра за три часа и 800 евра за цела ноќ за сексуални услуги; одобрувала дополнителни услуги за клиентите кои чинеле од 70 евра и повеќе; и гарантирала за безбедноста на девојките. За нејзиниот ангажман добивала 30% од заработувачката на девојките што ја делела со второ и третоосомничениот кои пак организирале прифаќање, превоз, сместување, безбедност и грижа за секојдневните потреби на девојките.
Со намера да го прикрие вистинскиот извор, локацијата, понатамошниот тек и вистинските сопственици на паричните средства стекнати со вршење на кривично дело „Посредување при вршење на проституција“, првоосомничената дел од паричните средства преку систем за електронски трансфер на пари за територијата на Македонија ги уплаќала, во износ од 26.151 евра, кон четири лица во Португалија и три лица во Бразил. Второосомничениот пак, во два наврати дел од паричните средства стекнати од претходно сторено кривично дело во износ од 3.000 УСД ги уплатил кон лице во Норвешка, а во повеќе наврати извршувал готовински исплати на парични средства во износи од 440 евра по основ на закупнина за становите, а направил и повеќе готовински исплати на парични средства за различни сопствени потреби и потреби на девојките. Третоосомничениот на “главната” проводџика и ставил на сметка во Португалија околу 2000 евра, а 150 евра испратил кон лице во Колумбија.
Придружбата од Бразил скапо го чинела
Четвртоосомничениот пак, во повеќе наврати бил корисник на сексуални услуги од една од девојките, а истата ја носел на патувања кои чинеле по 5000 евра. Парите и ги исплаќал на макрото, а бил придружуван од омилената девојката при неговите патувања во Рим и Лондон. Откако ја стекнал довербата на девојката, со цел да ги пушти во оптек и да го прикрие потеклото на паричните средства што девојката ги прибавила со извршување на казнивото дело „Оддавање на проституција“ ѝ креирал кориснички профил на веб платформа за тргување со електронски пари (крипто валути) иако знаел дека парите девојката ги прибавила со казниво дело. Преку профилот и со поседување на електронски паричник (wallet), девојката непречено можела да врши трансакции и да го прикрие изворот на паричните средства.
При претресите собрани материјални докази
Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, во рамки на активностите за расчистување и документирање на случајот, даде налог полициски службеници на подрачјето на Скопје и Куманово да извршат пет претреси во дом и други простории кај пријавените лица. Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се 10 мобилни телефонски апарати, седум СИМ картички, лаптоп, огнено оружје (два пиштоли), одредена сума на девизни и денарски парични средства (2480 евра, 20 фунти, 27.100 денари), разна документација (шест потврди за брз трансфер на пари, договор за закуп на стан, четири банкарски картички).