Бомба експлодираше во верско училиште во Авганистан за време на молитва: Загинаа 15 лица

39

Во експлозија во верско училиште за време на молитва во провинцијата Саманган во северниот дел на Авганистан загинаа 15 лица, изјави портпаролот на провинцијата.

„Бомбата експлодираше во медресата кога стотици луѓе, вклучително и ученици, ја извршуваа пладневната молитва“, објави „Толо њуз“, цитирајќи ги локалните власти.

Најмалку 20 лица се ранети во експлозијата во главниот град на провинцијата Ајбак, додаде портпаролот на провинциската влада Самангана, Емдадули Мухаџир.

„Експлозијата се случи околу 12:45 часот во медресата Јахдија во центарот на градот. Многу момчиња учат во оваа медреса (верско училиште)“, рече тој.

Засега не е познато кој стои зад експлозијата. Мухаџир рече дека истрагата започнала, а портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Абдул Нафи Такор, ја потврди експлозијата.

Нашите безбедносни сили работат на откривање на сторителите на ова непростливо злосторство и нивно изведување пред лицето на правдата“, рече Такор.

Талибанците велат дека се фокусирани на безбедноста на земјата разурната од војна откако ја презедоа минатата година, но имало неколку напади во последните месеци, вклучително и напади врз џамии, за кои одговорноста ја презеде Исламска држава.