Доколку се остварат гласините, кои се сè погласни, ќе одекне права бомба во НБА-лигата!
Еден од најдобрите шутери на сите времиња, Стеф Кари, ќе го напушти Голден стејт и ќе се пресели во Лос Анџелес Лејкерс.
Приказните започнаа по Ол-стар викендот, а за целата приказна јавно говореа легендарните НБА кошаркари – Кендрик Перкинс и Пол Пирс. Уште поголем фактор е тоа што на Кари му истекува договорот со „воините“ следната година, а тоа ќе се обидат да го искористат „езерџиите“ и да создадат неверојатен тандем – Стеф Кари и Леброн Џејмс.
Дури тогаш никој нема да ги спречи, барем се додека Леброн и Стеф имаат волја да освојуваат прстени и да играат кошарка.
Леброн на последниот меч за Лејкерс против Минесота, кој го добија „езерџиите“ со 137:121, запиша нов трипл-дабл со 25 поени, 12 скокови и исто толку асистенции. Ова е 99. ваков учинок за најдобриот кошаркар на денешницата, а пред него се само четворица кои успеале да запишат троцифрен број на трипл-дабл во кариерата. Оваа листа ја предводи Оскар Робертсон со 181, втор е Расел Вестбрук со 157, трет е Меџик Џонсон со 138 и четвртото место му припаѓа на Џејсон Кид со 107.
Инаку, како што пишуваат американските медиуми, Џејмс воедно стана партнер на спортската група „Фенвеј“, која има удел во бејзбол тимот Бостон Ред Сокс, а со тоа кошаркарот стана сопственик на овој клуб. Популарниот „Крал“ веќе има два отсто од сопственоста во Ливерпул и тоа преку „ФСГ“, во чии раце е овој англиски гигант.