Многу полиција пред куќата на Штекли, се обезбедува и градска болница

149
Фото: Ѕ.Плавевски

Повредениот од бомбата Раде Штекли е надвор од животна опасност, му се прават испитувања, потврдија за весникот Вечер од градската болница каде во монетов има полициско обезбедување.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека при експлозија на бомба повреден е Раде Штекли, во јавноста познат како припадник на криминалното подземје. Тошковски кажа дека лошо е што криминални банди хараат и денес и оти МВР сурово ќе одговори против оние кои ги вознемируваат македонските граѓани.

На новинарско прашање зошто полицијата не им влегува во траг на криминалците бидејќи заканата кон Штекли била објавена на социјалната мрежа ТИК-ТОК, министерот кажа дека прашањето било на место, но тој ќе бил искрен и полицијата ќе одговорела согласно капацитетите.

Фото: Ѕ.Плавевски

Полицијата постави лента и инспекторите во присуство на јавен обвинител прават увид во дворот од куќата на повредениот позади трговскиот центар Ист Гејт. Изутрината соседството ги вознемири силната експлозија, уплашени и вознемирени набљудуваа како полицијата ги собираше трагите од лице место.

Ова е трет напад каде цел е Раде Штекли, претходно два пати ги преживеа куршумите на напаѓачите.

Од полицијата претходно информираа дека утрово во 09.20 ч. во дворно место во населба Керамидница во Скопје била фрлена експлозивна направа.-Од експлозијата со повреди се здобил Р.Т., кој е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

(П.А)