Болниците полни со граѓани каснати од крлежи, веднаш да се побара лекарска помош!

Паразитите напаѓаат без да ги осетите, затоа бидете претпазливи кога сте на излет или во парк каде што има бујна вегетација

2753

 Крлежите најчесто ги нарекуваат „летен кошмар“, затоа кога сте во природа, носете облека со долги ракави и ногавици. Деновиве, на Инфективната клиника и во старата Градска болница, голем број наши сограѓани побарале лекарска помош поради каснување од овој паразит. Препорака на лекарите е да се отстрани крлежот стручно, со лекарска помош, во рок од 24 часа, бидејќи ако сами го вадите, а главата од крлежот остане во телото, има можност да дојде до сериозни компликации

 

Се наоѓаме во период кога има многу крлежи во природата и кога треба да бидеме повнимателни. Со растот на температурите, можно е и нивно сè поголемо размножување. Лекарите апелираат до граѓаните, доколку престојуваат во природа, да практикуваат да носат лесна облека со долги ракави и ногавици, а по враќањето дома, да ги прегледаат кожата и косата.

Според д-р Милена Стевановиќ, директор на Инфективната клиника, овие денови сè повеќе пациенти доаѓаат каснати од крлежи.

– Тие добиваат професионална лекарска услуга во нашата клиника и потоа заминуваат дома – вели д-р Стевановиќ за весникот ВЕЧЕР.

Според неа, кога се оди во парк или во шума, по враќањето, треба да се обрне особено внимание на потколениците, местата под пазувите и зад ушите бидејќи крлежите го бараат најмекото место на кожата.

Голем број од каснатите со крлеж добиле лекарска помош и во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски”, лоцирана во центарот на Скопје, позната и како Стара градска болница.

Еден скопјанец, кој деновиве берел чај во Гари, бил каснат од крлеж. За среќа, веднаш забележал и се упатил во старата Градска болница. Тој за весникот ВЕЧЕР кажа дека додека чекал пред ординацијата, биле дојдени уште неколкумина наши сограѓани од истата причина – да побараат лекарска помош.

– Во болницата имаше гужва од пациенти, чекав повеќе од еден час, но потоа професионален тим – лекар и сестра, кои беа љубезни, без никакви проблеми го извадија крлежот. Превентивно за да не настане инфекција, добив и зголемена доза антибиотици. Сега сум стабилен и добро се чувствувам – ни раскажа овој наш сограѓанин кој го искусил ова непријатно чувство.

Лекарите предупредуваат дека паразитот треба да се отстрани во првите 24 часа од убодот. Но, крлежите може да предизвикаат компликации, да пренесуваат опасни заразни заболувања, како што е лајмската болест. Оваа болест предизвикана од каснувањето на крлеж, ако не се открие навреме, може да предизвика сериозни здравствени компликации, меѓу кои и менингитис. Болеста се смета за мултисистемско заболување кое ги зафаќа најпрвин кожата, срцето, зглобовите и централниот нервен систем.

Првите симптоми на оваа болест може да се јават веќе по еден ден, но и по еден месец.

– Знак за паника е црвенило на кожата на местото на каснувањето, кое е прстенесто и почнува да се шири. Во тој случај, задолжителна е консултација со лекар, заради препишување антибиотик – велат матичните лекари што ги консултиравме.

Тие не препорачуваат местото што е каснато од крлеж да се мачка со алкохол, петролеј или со бензин пред да се отстрани, бидејќи тоа ќе го умртви крлежот и нема да го олесни вадењето. Крлежот се вади со остра пинцета колку што е можно поблизу до главата и полека се извлекува.

Од Скопскиот здравствен дом, исто така, препорачуваат граѓаните да бидат внимателни и да не дигаат паника, бидејќи ноќните служби секогаш се снабдени со неопходната терапија за вакви случаи. И Скопската итна медицинска помош има антибиотска терапија за каснувања од инсекти. (В.Ма.)

Што се крлежи и какви проблеми предизвикуваат?

Крлежите се ситни животни од групата клештари коишто во својот желудник имаат течност која е причинител на заразата. Кога ќе дојде до саканата цел, со плунка крлежот исфрла анестетска течност и со своите мали клешти ја раскинува кожата, при што човекот ништо не чувствува, бидејќи тоа место е под анестезија.

Течноста што ја исфрлаат крлежите спречува згрутчување на крвта и крлежите може мирно да седат на тоа место повеќе од една недела. Токму затоа лекарите предупредуваат сите што се каснати, навреме да побараат лекарска помош.

– Ако крлежот не се отстрани стручно, туку само се искине и главата остане во организмот, има можност во рок од шест месеци да се јави црвенило по телото во вид на дамки, кое може и да исчезне. Во тој случај, неопходно е граѓанинот да прими вакцина на Клиниката за инфективни болести, но да добие и соодветна терапија во следните две години. На тој начин се заштитува телото од дополнителни инфекции – објаснуваат лекарите.

(В.Ма.)