Вкупниот број на лица заразени со новиот коронавирус во светот надмина 70 милиони, покажуваат најновите податоци на Светската здравствена организација, додека бројот на смртни случаи од последиците предизвикани од вирусот надмина 1,67 милиони. Повеќето земји од ЕУ воведоа ограничувања и за време на претстојните празници ќе бидат во карантин, за да се намали бројот на заразени и да се забави ширењето на вирусот.
Холандија и Чешка ќе ја следат Германија со воведување на второ големо затворање за време на празниците, додека Италија размислува за слични мерки за да избегне ново ширење на коронавирусот во наредниот период.
Xоландскиот премиер Марк Руте објави дека сите несуштински продавници и бизниси, теретани, музеи, кина и театри ќе бидат затворени на пет недели. Училиштата нема да работат од денеска до 19 јануари. Холандија ги затвори баровите и рестораните уште во октомври, но делумниот карантин не го спречи доволно ширењето на заразата. Руте во парламентот и ги советуваше луѓето да седат дома и да не примаат повеќе од двајца гости.
Рестораните и хотелите во Чешка повторно ќе бидат затворени од овој петок, собирите се ограничуваат на само шест луѓе, а полициски час ќе биде на сила од 23 до пет часот.
Премиерот Конте им порача на Италијанците да очекуваат потрезен Божиќ и да избегнуваат да се собираат, гушкаат и бакнуваат. Поради полицискиот час од 22 до пет часот, нема да бидат дозволени ни полноќните миси за Божиќ, а Конте ги забрани и патувањата меѓу региони од 21 декември до 6 јануари.
Австрија излезе од вториот карантин на 7 декември, но рестораните, баровите и хотелите ќе останат затворени за празниците, а општата забрана за движење е на сила од 20 до шест часот.
Спроведувањето на строги мерки во многу европски земји ќе биде строго контролирано, а божиќните пазари и новогодишните прослави се откажани или ќе се одржат онлајн. Но, некои градови сепак ќе организираат новогодишните прослави, иако тие ќе изгледаат сосема поинаку.
Последните информации за новогодишната ноќ доаѓаат од Париз, каде еден од пионерите на електронската музика, Жан-Мишел Жар, ќе одржи новогодишен концерт. Сепак, тој ќе биде од неговот студио и ќе се пренесува преку Интернет, со тоа што неговиот аватар ќе се појави во дигиталната верзија на црквата на Нотр Дам. За првпат во последните 200 години нема да се служи Божиќна миса во Нотр Дам поради пожарот.