Божиќна порака од г.г. Стефан: Ниедна привремена добивка не е достојна замена за она што нè прави посебен народ!

84

Да подариме грижа и љубов, воплотеното Слово Божјо е најдобар показател дека промената започнува од личноста, и да внимаваме да дојдеме до вистината без да правиме отстапки од своите духовни, национални, историски и културни посебности, порача во божиќното послание архиерпископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

-На овој ден да си спомнеме и за последниве исклучително тешки години, исполнети со искушенија, предизвици, болки и разделби. Навистина, како човештво се соочивме дека, и покрај големиот технолошки развој посведочен во нашиов животен век, над нас висат катастрофи со кои човекот е премал да се соочи сам… Црквата, таа духовна мајка, преживувајќи ја историската и општествена реалност, му го нуди својот топол глас на современиот изморен и исплашен човек, своето автентично сведоштво дека, сепак, причината за болеста и за распадливоста во човекот е гревот. Болеста, како и секое друго зло во светот, е последица на секој наш грев, на секоја наша неправда што ја нанесуваме, на секоја омраза што ја допуштаме, на секој гневен поглед што го упатуваме…, се вели во божиќното послание на македонскиот архиепископ. Поучува дека во време кога сите бараме и очекуваме промени во овој свет на економска и социјална нееднаквост и на политичка поделеност, воплотеното Слово Божјо е најдобар показател дека промената започнува од личноста.

– Во секое разделено општество, во секоја разделена земја, христијаните се тие коишто треба да го понудат единството и да настојуваат на него, покажувајќи им Го на другите луѓе Оној Кој им дава можност за обединување ‒ не само помеѓу себе, туку и во Бога. Единството во Светата црква се остварува преку смирението и преку послушанието, преку согласноста во Светиот дух. Гласот на полнотата на Црквата, е гласот на Светиот дух, Кој говори од единството, а не од поединецот. А за да бидеме такви, треба да се облечеме во Господа, да се удостоиме да учествуваме во Неговата вечна радост и да се исполниме со Неговиот божествен мир. Впрочем, животот на секој вистински христијанин треба да е постојано доживување на Христовиот живот на земјата. За да го исполниме тоа, треба да сме достојни членови на Црквата, да живееме во Црквата и со Црквата, со која Господ Христос раководи, порачува поглаварот на МПЦ-ОА заедно со останатите архиереи. Тие порачуваат дека она што може да се направи за другите во секоја прилика, е да се покаже грижа, а толку грижата е таа која може да го спаси светот.

-Од нас, како од македонски народ, држава и Црква, во ова време преполно со искушенија, се бара поголема грижа и дополнителна внимателност при решавањето на наметнатите прашања, коишто во последно време некои ги исправија пред сите нас. Да внимаваме, зашто никогаш и никаде не се дошло до вистината со отстапки од своите духовни, национални, историски и културни посебности. Само народи коишто немаат свое, посегаат по туѓо. Затоа никој и пред никого, нема право да се откажува од она што, како дар Божји и како сенародно наследство, им припаѓа и на поколенијата пред нас, како и на оние по нас. Ниедна привремена добивка не е достојна замена за последиците што можат да произлезат од загубата на она што нè прави посебен народ, на ова парче македонска земја, дарувано од Бога и зачувано со безбројните жртви на нашите предци, се вели во божиќното послание на г.г. Стефан кое завршува со традиционалниот поздрав и честитка:  Х Р И С Т О С  С Е  Р О Д И!