„Богот на колежот“ служи како моќно истражување на човечката природа, откривајќи ги комплексноста на односите и несигурната рамнотежа помеѓу учтивоста и хаосот. Оваа претставата e потсетник за општествените норми, среќното детство и вистинската сурова комплексност на човечката природа. Излог кој се крши во милион парчиња, наспроти лажниот морал и вечноста на суетата која без грешка сигурно води во пропаст. Претставата нуди можност да се погледнеме кои сме, макар на 90 минути, за време кога публиката е учесник во аренатa…
На големата сцена на Македонскиот народен театар, вчеравечер премиерно се одржа претставата „Бог на колежот“, во адаптација и режија на Весна Петрушевска, а по мотивите на „Бог на масакрот“ (God of Carnage) на Јасмина Реза. Токму оваа претстава која зборува за врсничко насилство е коментар на случувањата во нашето општество во кое речиси секојдневно слушаме за тепачки меѓу учениците, булингот и секаков вид насилство.
Токму тие се одраз на односите во едно семејство и тема на оваа претстава со силна порака до родителите и до децата. Самата претстава започнува токму со сцена на насилство која ја играат децата од актерската школа на Весна Петрушевска.
Актерите Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Симеон Мони Дамевски и Наталија Теодосиева, пак, ги толкуваат улогите на родителите на децата меѓу кои настанува конфликт – тепачка, кој тие треба да го разрешат, но всушност тие уште повеќе го продлабочуваат проблемот, а на површина излегуваат и нивните брачни проблеми.
Претставата која поттикнува на размислување за нашето однесување како родители, за нашиот морал, но и за начинот на кој ги учиме децата на семејните вредности, на однесување и почит кон другите, толерирање на различностите, разбирање и сочувство, предизвика силни емоции кај присутните, а беше наградена со бурен аплауз од присутните во салата.
„‘Богот на колежот’ служи како моќно истражување на човечката природа, откривајќи ги комплексноста на односите и несигурната рамнотежа помеѓу учтивоста и хаосот. Оваа ангажирана структура на претставата нуди брзо размислување на публиката, потсетник за општествените норми, среќното детство и вистинската сурова комплексност на човечката природа. Излог кој се крши во милион парчиња, наспроти лажниот морал и вечноста на суетата која без грешка сигурно води во пропаст. Претставата нуди можност да се погледнеме кои сме, макар на 90 минути, за време кога публиката е учесник во аренатa “, посочуваат од МНТ.
Преводот на текстот е на Рајна Кошка-Хот, како сценограф се потпишува Татјана Христоска, костимограф е Наталија Терзија, а сценските движења се на Кренаре Невзати-Кери. Изборот на музиката е на Весна Петрушевска, а автор на песната „Пепел и мрак” е Игор Џамбазов.
„ Бог на колежот“ е работена како копродукција меѓу МНТ и продукцијата „Студио 70“ на Весна Петрушевска.
Вечерва е првата реприза на претставата.