Спречување на корупција на локално ниво, процедурите на работа на општинската администрација, овозможување на правна помош за граѓани кои препознале корупција/конфликт на интереси, беа дел од темите на денешното онлајн интервју со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев во рамки на проектот „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“.
Овој проект се спроведува меѓу Општина Карпош и Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ), за што е потпишан и Меморандум за соработка.
Од Општина Карпош информираат дека интервјуто е спроведено од страна на д-р Герман Филков, м-р Сабина Факиќ, проф. д-р Ана Павловска – Данева и м-р Константин Битраков, додека пак, од страна на ФООМ присуствувале претставничките на проектниот тим, Марија Мирчевска и Диана Жупаноска.
Градоначалникот Богоев зборуваше за моменталната состојба во општината, во делот со процедурите за работа, одговорноста на општинските службеници, затекнатиот долг и превработеноста.
– Постоеја случаи на вработени кои воопшто не доаѓале на работа, а земале плата. Затоа, на почетокот на мандатот ги прекинавме договорите на 110 вакви лица. Во меѓувреме, преку агенција за привремени вработувања, во најголем дел ги вработуваме хигиеничарите, но и дел од кадарот по основните училишта и градинки, истакна Богоев.
Тој потецираше дека функционалната анализа во голема мера ќе помогне на институциите за подобро планирање на работните места.
Во областа на буџетот, градоначалникот напомена дека во секоја година се калкулира и презема долгот од претходните години. Исто така, во делот на реализација на Планот за јавни набавки, во овој период фокусот е ставен на реализација на покапиталните проекти.
– Со последниот ребаланс на Буџетот, Општина Карпош скрати голем дел од трошоците во повеќе области, а акцент се стави на справување со последиците од Ковид – 19 вирусот. Се обезбедуваат повеќе средства за дезинфекција на јавни површини, училишта и градинки, а приоритет добија и активностите во делот на подобрување на инфраструктурата, велат од Општината.
Оттаму посочуваат дека со овој проек ќе се овозможи поголема стручност на општинските службеници, јакнење на нивните капацитети и интегритет. На овој начин, граѓаните ќе ја зголемат довербата во јавните институции и полесно ќе ги остваруваат своите права.
Истражувачкото интервју е спроведено во рамки на проектот „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“, кој го реализира Фондација Отворено општество – Македонија, во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Повеќе информации за Проектот на УСАИД за граѓанско учество на https://cep.mk/ и https://www.facebook.com/CEPNorthMacedonia.