Бројни реакции на социјалните мрежи од скопјани по сечењето на дрвја на „Орце Николов“ во Дебар Маало каде има градежни работи на реконструкција на улицата. Еколошките здруженија сечењето на дрвјата го нарекуваат масакр, додека од Општина Центар велат дека отстранети се само суви дрвја и оние кои навидум изгледаат здраво, но се речиси без корен и постои опасност од нивно паѓање. – Нема да фали ниту едно дрво на местото каде што е исечено претходно, дециден е градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ
Бројни реакции на социјалните мрежи од скопјани по сечењето на дрвја на „Орце Николов“ во Дебар Маало каде има градежни работи на реконструкција на улицата. Еколошките здруженија сечењето на дрвјата го нарекуваат масакр, додека од Општина Центар велат дека отстранети се само суви дрвја и оние кои навидум изгледаат здраво, но се речиси без корен и постои опасност од нивно паѓање.
– Без никаква најава ги сотреа најголемите дрвја на улица „Орце Николов“, исто како тие на булевар „Србија“ пред еден месец, или како тие на „Рузвелтова“. Од она што се гледа – дрвјата не се болни, единствен проблем им е што биле големи, најголемиот дел исечени дрвја се со огромни стебла. Од она што се гледа на терен останува впечаток дека им се нашле на пат за поставување цевки, кабли, па што има да смислуваат решение, ќе му се секираат за некое дрво, пушти пилата и решен проблем. Башка ќе се отвори тендерче, ќе си посадат нови, со помали стебленца, важно да се брои, плус ќе си пораснат цифрите на новопосадени – коментираат од О2 Иницијатива.
Оттаму нагласуваат дека што толку многу дрвја се разболуваат говори фактот дека некој не си ја врши работата за која е платен.
– Нормално им е да ги соголат корењата, со бетон да ги премачкаат, да ги асфалтираат, важно улица реконструирале – достигнување, вредно за жртва од децениски израснати дрвја – велат од О2.
Жители на Орце Николов“ велат дека откако е соголена улицата, таа летово ќе стане топлински остров „каде минувачот само ќе гледа набрзина да претрча оттаму, и тоа само ако мора, а станарот ќе се бори за здив и ќе плаќа поскапа струја заради зголемено ладење“.
Од Go green – Биди зелен под итно бараат да се објави извештајот за проценка на квалитетот и состојбата на исечените дрвја.
– Дали кога е правен зелениот катастар на Град Скопје овие стебла се проценети во лоша состојба? Според она што ние го видовме на „полуфункционалната“ веб-страница gisportal.skopje.gov.mk/zk, овие дрвја се попишани со зелено, а не жолто или црвено – потенцираат од Go green – Биди зелен.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, вели дека при изведување на градежните работи се утврдило дека 13 од вкупно 171 дрво што се дел од дрворедот на улицата „Орце Николов“, се заболени, некои се без корења и се опасност да паднат врз луѓе или автомобили. Тој нагласува дека на местото на секое исечено дрво ќе биде засадено ново од истиот вид со што дрворедот ќе биде обновен.
– Луѓето што се задолжени за тоа утврдиле дека треба да се исечат. Екипа е излезена на терен за подготовки за засадување на нови дрвја и ќе бидат дополна на постоечкиот дрворед. Нема да фали ниту едно дрво на местото каде што е исечено претходно – дециден е Богдановиќ.
Тој вели дека е свесен на реакциите кога има било каква промена, сеча или отстранување на дрвја или било друго зеленило.
– Не се отстрануваат дрвја за таму да никне некој објект туку некој утре да не настрада. Подобро да засадиме нови и да заличи со здрав и убав дрворед, отколку да се случи некој немил настан – категоричен е Богдановиќ и потсетува дека 70 години никој не интервенирал на дрворедот, иако имало реакции дека при посериозен дожд паѓале гранки и им ги оштетувале возилата.
Инаку, од 13 дрвја за кои има решение за нивно отстранување, исечени се осум, а другите пет ќе се спасат.
(С.Бл. – А.П.)