Од 2 до 5 септември ќе се одржат четвртите Денови на македонската култура во Шибеник и во Зларин
Деновите на македонската култура во Шибеник и во Зларин (2-5 септември) внесуваат нов културен дух преку бројните содржини планирани за оваа манифестација, која се одржува по четврти пат.
Свеченото отворање ќе се одржи на 2 септември 2023 година во 19:00 часот, во Музејот на Град Шибеник, каде што ќе бидат присутни истакнати личности од општествениот живот на Хрватска и на Македонија. Оваа веќе препознатлива културна манифестација е во организација на невладиното здружение Хрватско-македонска тангента.
Следниот ден (3 септември), програмата продолжува на островот Зларин, каде што се одржува меѓународната книжевна средба „Од остров на копно, кон остров на море“ (учествуваат поети, писатели, публицисти и новинари), настан што го одржува континуитетот од 2014 година.
Посетителите ќе имаат можност да се нурнат во различноста на македонската култура преку низа настани, трибини, предавања и изложби. На годинашната манифестација особено се истакнува спојот на традицијата и на современоста, а особено интересен сегмент на настанот ќе биде филмската проекција на „Балканот не е мртов“, на реномираниот македонски режисер Александар Поповски, кој ќе биде присутен на настанот. Учесниците од Македонија и од Хрватска ќе зборуваат за влијанието на традицијата врз современата култура и уметност на трибина во Хрватскиот центар за корали на Зларин, на 3 септември во 11 часот, каде што потоа ќе биде прикажан филмот „Балканот не е мртов“.
На програмата е и литературната содржина „По трагата на пишаниот збор“ (3 септември, Зларин, Трутини двори, во 17:00 часот), каде што поети, писатели и публицисти од Скопје, Загреб, Задар, Сплит и од Шибеник ќе читаат свои песни или фрагменти од своите напишани дела. Во оваа пригода ќе биде претставено богатото книжевно творештво на Томислав Османли, познат македонски писател, сценарист, драматург и новинар.
И ликовните изложби „Море“ на Зларин (Трутини двори, 18 ч., автор Гојка Скориќ-Пелајиќ) и „Перото пишува со срце – Христово“ (4 септември, Градска библиотека „Јурај Шижгориќ“ во Шибеник, 19 часот, од д-р Христо Петрески, писател и уметник од Скопје) ќе ја осветлат креативната сцена во овој дел од Јадранот.
Деновите на македонската култура ќе бидат и можност за зајакнување на културните врски меѓу Македонија, Хрватска и другите земји од регионот и промовирање на меѓународното разбирање и дијалог. Впрочем, тоа се темелните вредности на кои се заснова и се развива „хрватско-македонската тангента“.
Организаторот, невладината организација Хрватско-македонска тангента. подготвија серија дискусии и предавања, кои ќе ги истражат општеството и современите предизвици, како во Македонија така и во Хрватска. Така, на 4 септември, во Музејот на Град Шибеник, закажано е предавање „Екотуризам и одржливост на дестинацијата“ на Љупчо Јаневски, директор на владината Агенција за промоција и поддршка на македонскиот туризам.
„Деновите на македонската култура во Шибеник и во Зларин нудат можност за сите генерации да се поврзат со уникатната и богата култура на Македонија и да создадат трајни спомени. Настанот претставува можност да се патува низ сопственото културно наследство и да се отвори прозорец кон друга култура“, вели Сашо Георгиевски, претседател на Хрватско-македонска тангента.
Тој додава дека оваа манифестација ветува дека ќе ги направи Шибеник и Зларин центар на македонската култура и уметност во овие инспиративни денови од 2 до 5 септември.
„Не пропуштајте ја можноста да ја доживеете магијата на Македонија на брегот на Јадранското Море“, посочуваат од Тангента.
Деновите на македонската култура се одржуваат по повод 8 Септември, Денот на македонската државност.
Покровители се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и градоначалникот на Градот Шибеник, д-р Жељко Буриќ, а настанот се реализира со поддршка на Градот Шибеник, туристичките заедници на Градот Шибеник, Шибеничко-книнската жупанија и Зларин, тврдината на културата ЈУ Шибеник, Хрватскиот центар на корали „Зларин“, Градскиот музеј Шибеник и градската библиотека „Јурај Шижгориќ“.
Од Шибеник за весникот ВЕЧЕР, Милена Георгиевска