Станови, куќи, автомобили, мотори, земјиште, уметнички слики, накит, акции… е само дел од имотот што го пријавиле новите македонски функционери. Последното истражување на СКУП покажа дека министрите во Владата на Христијан Мицкоски во недвижности тежат 4.557.682 евра. Богати се министрите во Владата на Мицкоски, но според она  пријавеното во анкетните листови, кои сите функционери пред стапување на функциите треба да ги пополнат, богати се и нивните заменици.

Станови, куќи, автомобили, мотори, земјиште, уметнички слики, накит… е дел од имотот што го пријавиле новите македонски функционери. Последното истражување на СКУП покажа дека министрите во Владата на Христијан Мицкоски во недвижности тежат 4.557.682 евра.

На прво место според богатството, според истражувањето, е министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која има најмногу пари врзани за недвижности. Таа пријавила живеалишта вредни над милион евра, пријавила дека поседува два стана во Центар, четири стана во странство, од кои два во Шпанија, еден во Португалија и еден во Србија. Според парите вложени во недвижности веднаш зад Божиновска е министерот за здравство Арбен Таравари, а на трето место е министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Богати се министрите во Владата на Мицкоски, но според она  пријавеното во анкетните листови, кои сите функционери пред стапување на функциите треба да ги пополнат, богати се и нивните заменици.

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, во анкетниот лист на свое име пријавила дека има стан во Охрид, два стана во скопската населба Кисела Вода, како и стан во Битола, од наследство. Таа на име на сопругот пријавила два стана во скопска Кисела Вода. Според анкетниот лист со сопругот поседуваат две возила, таа вози мотор џонвеј, а сопругот вози џип тојота. Трајков пријавила дека заедно со сопругот имаат пари од наследство, а на свое и на име на сопругот има пријавено кредити, за кои нема податок кога се земени и кога треба да се вратат.

Калтрина Зеколи Шаќири, заменик-министерката за транспорт на свое има пријавила дека има два стана во скопската општина Чаир, а на име на сопругот пријавила стан во Леж, Албанија. Според анкетниот лист таа поседува две возила, киа и мотор маш. Пријавила дека на свое име има и оружје кое ѝ е од наследство.  Зеколи Шаќири има и сопственички удел во компанијата „Неар 2015“ ДОО, каде што е управител, а сопственик е и на фирмата  „Павиман компани“. Таа пријавила и лизинг од над милион денари.

Стан во Центар во Скопје, а на име на сопругата куќа во Куманово од наследство во анкетниот лист пријавил заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини  Мирослав Лабудовиќ. Тој на свое име пријавил и имот во Србија, односно куќа, пасишта, шуми, земјоделско земјиште, градежно неизградено земјиште, кои му се наследство. Според анкетниот лист на Лабудовиќ тој и сопругата возат „фолксваген“. На име на двајцата пријавил и уметнички слики, накит и заштеда.

Заменик-министерот за правда Ален Деребан во својот анкетен лист единствено пријавил банкарски сметки и депозити.

Заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу на свое име пријавил стан во скопски Карпош и куќа во Кичево, која му е од наследство. Тој пријавил дека вози „фолксваген“ и дека има кредит од 3,3 милиони денари, кој треба да го врати до 2037 година.

Заменик-министерот за јавна администрација Лазе Јаќимовски пријавил дека има куќа во Осој и во Лешница кои му се подарок, а во двете места има и парцели градежно изградено земјиште, кои исто така се подарок. Тој пријавил дека има градежно изградено земјиште и во Кнежино. Во анкетниот лист пријавил дека вози „алфа“ и „пежо“ и има и два кредита.

Заменик-министер за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски на свое име пријавил стан во центарот на Скопје, кој му е од наследство. Според анкетниот лист тој вози „пежо“.

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во својот анкетен лист нема податок дека има недвижен имот. Тој пријавил дека вози „ауди“, а неговата сопруга Фолксваген. Во анкетниот лист дал податок и за платата која ја зема на новата функција.

Заменик министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски на свое име пријавил три стана во Куманово, од кои два му се од наследство. Тој пријавил дека има и два дуќани во Куманово, кои му се подарок. Во анкетниот лист пријавил дека на подарок има и земјоделско земјиште во Куманово и градежно изградено земјиште.  Тој на свое име има стан во Србија, пасишта, шуми, земјоделско земјиште, и сите му се подарок.

Во анкетниот лист не пријавил дека има свое возило, а пријавил две возила на име на родителите.  Настасијевиќ Варџиски пријавил и инстант кредит на свое име, како и долгорочен наменски потрошувачки кредит на име на сопругата.

Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исеини на свое име пријавил дека има два стана во Куманово, од кои едниот му е подарок. Тој пријавил дека има „фолксваген“ и БМВ.

Заменик-министерката за спорт Сафије Садики Шаини на свое име нема недвижен имот. Таа во анкетниот лист на име на сопругот пријавила стан во Куманово, како и дека и двајцата возат „фолксваген“.

Марјан Ристески, заменик-министерот за економија и труд, на свое име нема недвижен имот. Тој во анкетниот лист на име на детето пријавил куќа во Прилеп. Според податоците од анкетниот лист Ристески нема ни возило на свое име, а на име на сопругата пријавил возила „киа“ и „скутер“. На име на сопругата пријавил и златен накит, а ја пријавил и платата на новото работно место.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски пријавил дека има стан во скопски Центар. Според податоците во анкетниот лист тој вози „ауди“ и „нисан“. Пријавил дека има 12 акции во Стопанска банка АД Битола, кои годинава ги добил на подарок, како и 250 во „Попова кула“ АД Демир Капија. Тој има и заштеда од 420 илјади денари. Јанкуловски во анкетниот лист дал податок и за платата која ја зема сега.

(Е.Б)