Украинците одат во Германија, затоа што добиваат пари и сместување од државата, а богатите во Црна Гора, и изнајмуваат или купуваат луксузни апартмани, вили со поглед на море на една година, со што цената на метар квадратен е за 50 проценти зголемена на некои места, изјавиле за медиумите во регионот, вработени во агенции за недвижности на црногорското крајбрежје, пренесе Нова.рс.
Населувањето на богатите Украинци, но и голем број Руси, во изминатите три месеци влијаеше на скокот на цените на недвижностите, но и на начинот на живот и бизнис на локалното население, кое сега се прилагодува на новите соседи и криза во светот.
Подготовките за летната сезона во крајбрежните места во Црна Гора оваа година ќе изгледаат малку поинаку од претходните.
„Од средината на март, во крајбрежните градови има се повеќе Украинци и Руси. Најголем дел од нив се во Будва, Бар, Котор и Тиват. Драстично скокнаа и цените на квадратите за откуп на станови и куќи. Каде што квадратот беше 1700 сега е околу 2400, а некаде и повеќе. Украинците ретко купуваат недвижен имот, главно изнајмуваат станови и куќи за една година. Кај нас дојдоа тие што имаат пари, оние кои се навикнати да живеат на висока нога. Сега ќе живеат овде покрај морето, на брегот, на свеж воздух, на сонце, цело лето, а веројатно и подолго. Сигурно нема да одат во Цетиње, Никшиќ или Беране, нормално е да дојдат на море. Оние Украинци кои немаа пари, отидоа во Германија. Еден колега што работи таму ми кажа дека Украинците добиваат помош од Германците, од државата 950 евра месечно и им се обезбедува сместување. Познато е дека нашата држава не може да помогне, па тука доаѓаат само оние на кои не им е потребна финансиска помош“, изјавил за Нова.рс Никола Котлаја, управител на агенција за недвижности на црногорското крајбрежје.
Освен Украинците, нагласува тој има и се повеќе Руси.
„Луѓето од Русија доаѓаат во Црна Гора, најмногу преку Србија, а доаѓаат на брегот и бегаат од политичката ситуација во нивната земја, која не им оди во прилог поради бизнисот. Меѓутоа, богатите Руси и Украинци го доведоа во непријатна положба нашето локално население, но и сезонските работници и нашите редовни гости, туристи, кои доаѓаат секое лето. Сега цените толку скокнаа што „обичните смртници“ не можат да си дозволат да платат. Работниците од регионот, кои секоја година доаѓаат на крајбрежјето и работат во сезона, изнајмувале станови за 400 евра, а сега едвај можат да најдат пристојно сместување за 1000 евра. Тоа се ненормални скокови на цените“, изјавил тој.
Сепак, најмногу недвижности купуваат Црногорците
„Клиентите се претежно наши, луѓе од Црна Гора. Ги преживеавме деведесеттите, се сеќаваме што ни направи инфлацијата и сега ни се заканува уште една, можеби и полоша. Луѓето се во паника, па сите ги подигнаа парите „од под перница“ и ги трошат на недвижен имот, бидејќи наскоро самите пари како такви нема да им значат ништо. Прашање е што ќе можат да купат со нив, а кога имаат недвижен имот сепак вреди нешто. Исто така, кога купуваат, веднаш ги изнајмуваат на Украинци или Руси, гледаат дека сега е вносен бизнис, па повеќето се свртеа кон бизнисот со недвижнини“, вели соговорникот од Црна Гора.
Цените на квадратите скокнаа толку многу што станарите до неодамна мораа итно да ги напуштат становите во кои живееле како станари, бидејќи сопствениците го продале имотот на Украинци или Руси.